Зошто исчезнуваат нашите најрани сеќавања од детството?
Постојат многу причини зошто забораваме, но суштината е во тоа што новите спомени ги потиснуваат старите. Сепак, вистинска мистерија е зошто немаме никакво сеќавање за првите 2 години од нашиот живот, кога е добро познато дека нашиот мозок тогаш бил во состојба да прими поголема количина на информации отколку кога било подоцна во животот.
Керол Петерсон, професорка по психологија на Универзитетот Меморијал во Њуфаундленд, која најголемиот дел од својата кариера го поминала во истражување на детската меморија, смета дека е потполно погрешно вражено мислењето дека децата до 3 и пол години не се во состојба да создаваат спомени.
„Децата имаат многу развиен систем на меморирање. Ако разговарате со нив тие ќе се присетат и ќе ги поедностават работите кои се врзани за периодот кога имале 20 месеци. Сепак, од четвртата до седмата година овие сеќавања избледнуваат ако тие не се поврзани со некоја јака емоција или со својот систем од важни сеќавања“, го објаснува овој феномен Петерсон.
Од друга страна пак, Стивен Резник од Универзитетот Чапел Хил во Северна Каролина, тврди дека сржта на овој проблем лежи во различните видови интелигенција со кои детето ѝ пристапува на реалноста. До втората година од животот бебето функционира по принцип на познати ситуации, и така веќе од 6 месеци јасно ги препознава лицата со кои често е опкружено и покажува одредени причинско-последични реакции на светот околу себе. Подоцна, во текот на развојот преовладува семантичката меморија и во нашиот систем на помнење ги вклучуваме имињата на работите кои нè опкружуваат.
Поради тоа, на пример, може до детали да се сетиме на некој поважен настан кој ни се случил кога сме имале 3 и пол години, бидејќи и денес го користиме истиот систем за именување на работите кои се составен дел од тие спомени. И тогаш значењето на мама ни значело исто како денес, тато исто значело тато, воз го има повторно денешното значење на воз итн. Не можеме да го кажеме истото за дете на млада возраст, бидејќи тоа користело потполно други називи од стандардизираните или пак уште порано, пред изговорот на првите зборови, воопшто не ја ни артикулирало својата перцепција.
Честа е појавата на таканаречени лажни сеќавања, но таа се врзува за постара возраст. Освен тоа што децата сакаат да измислуваат одредени работи, понекогаш се случува и да имаат потреба да ја пополнат целата таа празнина во сеќавањето, па едноставно го довршуваат она што им фали.
Во оваа категорија делумно спаѓаат и додатните сеќавања кои се создадени после првата средба со старите фотографии. Доколку на 5-годишна возраст се видиме себеси на некоја стара фотографија, таа едноставно ќе ја ставиме во нашиот систем на спомени, па набрзо ќе изгубиме од вид дека не се сеќаваме на тој настан туку само на фотографијата.
Токму поради овие наведени причини ги губиме нашите најрани сеќавања, а тоа се факторите поради кои чувствуваме неодолива привлечност кон потполно непознатите работи или места кои биле дел од нашиот свет пред да ја развиеме семантичката меморија.