Зошто интелигентните луѓе не се среќни?

Зошто интелигентните луѓе не се среќни?

„Среќа кај интелигентни луѓе е најреткото нешто што постои.“ – Ернест Хемингвеј

Животот на интелигентните луѓе понекогаш изгледа совршено. Тие имаат верен партнер кој ги сака, успешна кариера и прекрасен семеен живот, но тоа не е доволно за интелигентната душа да не се наполни со тага и меланхолија. Ова се 6-те причини зошто луѓето со висока интелигенција не се среќни…

Зошто интелигентните луѓе не се среќни?

1. Тие се жртви на претерано анализирање

Високо интелигентните луѓе премногу размислуваат и непрестајно го анализираат сето она што им се случува во животот, нивното опкружување и сѐ останато. Претераното размислување многу исцрпува особено кога мислите водат кон заклучоци кои предизвикуваат фрустрација. Но, без оглед на тоа колку е депресивно целото искуство, вие не можете да престанете со размислување.

Вашата способност да анализирате е супер. Но, секако дека не треба да обрнеме внимание на сѐ што се случува и да го натрупаме умот со непотребни мисли. Ако вие сте едни од тие кои можат да прочитаат сечии вистински намери, запаметете дека „Незнаењето е благослов“. Кога сте премногу паметни и знаете сѐ, светот се чини како разочарувачко место населено со погрешни луѓе. Уште потешко е кога ќе почнете да размислувате за некои филозофски прашања, светски проблеми и вечни животни прашања за кои нема одговори. Ако научите да ги игнорирате работите, ќе се чувствувате слободни, опуштени и среќни.

2. Тие очекуваат сѐ да се случува според нивните високи критериуми

Луѓето со висока интелигенција секогаш знаат што сакаат и ако не се исполнети нивните високи критериуми, тие нема да бидат задоволни, а тоа значи дека им е потешко да бидат среќни. Ова важи за сѐ што се случува во нивниот живот, како што се нивната кариера, врска и слично.

Вистината е дека не можеме да имаме сѐ што ќе посакаме, но ова сознание не е присутно кај луѓето со брилијантни умови. Нивната практична интелигенција е ниска и тие имаат идеалистички погледи кон светот кои не им помагаат да се справат со животните препреки и предизвици. Кога ќе дознаат дека реалноста е спротивна на нивните очекувања, тие доживуваат огромно разочарување.

Зошто интелигентните луѓе не се среќни?

3. Интелигентните луѓе премногу остро се осудуваат себеси

Еден од главните причинители на несреќа кај интелигентните луѓе е нивната преголема строгост кон самите себе. Тоа не се однесува само на нивните успеси и падови, туку на сѐ што прават во животот. Нивната филозофска природа постојано го анализира нивното однесување и дела и ги споредува со највисоките можни критериуми. Иако ова го прават несвесно, токму оваа навика им овозможува да се обвинуваат себеси без причина.

Одеднаш тие ќе се сетат на некоја грешка што ја направиле во минатото, таа ќе почне да го прогонува нивниот ум и ќе ги потсети дека потфрлиле некогаш во животот. Ова им го вознемирува умот и им го расипува расположението. По ваквите мисли, нормално е што не можат да бидат среќни и да спијат убаво. Ваквите потсетувања на грешките од минатото се многу чести кај интелигентните луѓе. Нивниот ум е исполнет со чувство на вина и незадоволство. Овие негативни емоции ја бришат среќата од нивниот живот.

4. Секогаш се стремат кон повеќе

Тие никогаш не се задоволни со она што го имаат во животот, бидејќи нивната висока интелигенција им дава моќ да замислуваат поголеми нешта. Тие секогаш се стремат кон повисоки цели и трагаат по суштински вредности. Некои високо интелигентни луѓе ѝ дозволуваат на силната фантазија да завладее со нивното битие и токму поради тоа им е тешко да уживаат во убавите нешта што веќе ги имаат во животот. Обичниот живот им е премногу здодевен и поради тоа тие трагаат по нешто што не постои во реалноста.

Дали сметате дека не припаѓате на оваа планета или дека сте требале да живеете во друг историски период? Тоа не е ништо ново за интелигентните поединци со длабоки мисли. Благодарение на ваквите мисли кои неуморно пливаат низ вашиот ум и ви создаваат потешкотии да го прифатите светот и времето во кое живеете, многу тешко ќе можете да постигнете вистинска среќа.

Зошто интелигентните луѓе не се среќни?

5. Тешко им е да најдат некого со кого ќе можат да разговараат за значајни нешта

Сите сакаме да бидеме разбрани, но на интелигентните луѓе навистина им е тешко да најдат некој кој ќе ги разбере. Кога луѓето околу нас нѐ разбираат, половина од стресот во животот исчезнува. Нема ништо поутешно од значајните разговори со луѓе кои се на иста бранова должина, кои размислуваат на сличен начин и ги разбираат вашите погледи и идеи за сѐ, тргнувајќи од личниот живот па сѐ до филозофските сфаќања, проблемите во светот и останатите комплексни прашања што го мачат човечкиот ум. Повеќето интелигентни луѓе се чувствуваат неразбрано и осамено, бидејќи речиси никој не знае да ја цени длабочината со која тие ги гледаат и анализираат нештата.

Науката докажала дека на паметните луѓе не им е потребно толку многу да се социјализираат за да бидат среќни во споредба со просечно интелигентните поединци. И покрај тоа, паметните личности имаат потреба да запознаваат луѓе, да комуницираат и водат прекрасни разговори. Меѓутоа, тие сакаат да разговараат за значајни и фасцинантни нешта, а не за секојдневни теми како што се храна, време и планови за викенд. Тешко е да се најде личност која ќе сака да води длабоки разговори, а тоа е последица на материјалистичкото и консумеристичкото општество во кое живееме.

6. Паметните луѓе честопати страдаат од психички проблеми

Многу истражувања нашле врска меѓу високо интелигентните умови и психичките нарушувања како што се биполарноста и анксиозноста. Постои можност дека овие нарушувања се негативни последици од брилијантниот ум. Ова не може да се потврди со сигурност, бидејќи постојат уште многу мистерии за човечката психа кои допрва треба да бидат откриени.

Секако, тоа не значи дека сите интелигентни луѓе страдаат од сериозни психички нарушувања. Но, дури и оние кои немаат такви проблеми, се подложни на депресија која се јавува како резултат на претераното размислување. Ако продолжите да размислувате и да правите длабоки анализи, порано или подоцна ќе почнете да размислувате за животот и смртта. Вашиот ум ќе почне да ја бара смислата на вашето постоење и тоа ќе ве растажува без никаква причина.

Доколку и вие спаѓате во оваа група луѓе, не очајувајте туку обидете се ги игнорирате непотребните информации со кои сме секојдневно преплавени и научете да ги цените убавините во светот. Сонувајте на големо, но не заборавајте и на малите нешта во животот.

За да дознаете како функционира умот на паметните поединци, прочитајте како интелигентните луѓе ги победуваат манипулаторите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар