Зошто е важно да ги пиете лековите на препишаниот или на препорачаниот начин?
Придржувањето до режимот за пиење на лековите, односно адхеренција за лекови, подразбира земање на лековите на препишаниот начин – во одредена доза, во вистинско време, на правилен начин и во правилни временски интервали, предупредува порталот на Американската агенција за храна и лекови (FDA – U.S Food and Drug Administration). Зошто е тоа важно? Поедноставено, кај луѓето кои не ги пијат лековите на начинот што им го препишал докторот или онака како што ги советувал фармацевтот може да дојде до влошување на болеста, потреба за клиничко лекување, па дури и смрт.
Високата цена за не пиењето на лековите на препишаниот начин
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC – Centers for Disease Control and Prevention) проценува дека неадхеренцијата е причина за неуспех кај 30 до 50% случаи на лекување хронични болести, како и причина за 125.000 смртни случаи годишно само во САД. Кај 25 до 50 проценти од пациентите кои во рок од една годна го прекинуваат земањето на статин, односно лекови за намалување на холестеролот, доаѓа до зголемен ризик за смрт за 25%.
Зошто некои поединци не ги пијат лековите на пропишаниот начин?
Многу пациенти не се придржуваат до упатството за земање на лековите кои ги добиле од давателите на здравствени услуги поради бројни причини. Некои не ги разбираат упатствата, некои ги забораваат, за некои претставуваат тешкотии што земаат повеќе лекови во различни режими, некои се поколебани од несаканите симптоми, а на некои им делува дека лековите кои ги пијат немаат никаква ефикасност. Но, и цената може да биде причината за неправилното пиење на лековите, во ситуацијата кога пациентите не можат да си го дозволат плаќањето на лековите, па земаат помали дози од препишаната за да им потраат лековите.
„За да постигнете најдобри резултати во лекувањето, земањето на лековите во склад со препишаниот начин е исклучително важно“, изјави Кимберли ДиФронзо, директорка за сигурност на потрошувачите (Consumer Safety Officer) во центарот за евалвација и истражување на лековите при Американската агенција за храна и лекови (FDA’s Center for Drug Evaluation and Research).
Совети кои помагаат при земањето лекови
Земањето на лековите според препишаниот начин, односно адхеренцијата за лековите, е исклучително важна за контролирање на хроничната состојба, третирањето на привремените тегоби и општо за долгорочното здравје и добрина. Важен дел од адхеренцијата е и личниот однос со давателот на здравствените услуги или фармацевтот.
„Вашиот фармацевт е експерт за лекови и тој може да ве посоветува за најдобрите начини за нивно земање“, вели ДеФрензо.
8 стандардни совети кои може да ви помогнат:
- Земајте ги лековите секој ден во исто време.
- Поврзете го земањето на лековите со некој секојдневен ритуал, како што е миењето на забите или подготовката за спиење. Пред да се одлучите да земате некој лек во текот на оброкот, проверете дали морате да го пиете на празен желудник.
- Водете дневник на лекови. Држете го заедно со лековите и забележувајте во него секој пат кога ќе ја испиете дозата.
- Користете специјална кутија за лекови. Одреден модел кој има прегради за повеќе дози кои се земаат во различно време од денот – наутро, за време на ручекот, навечер.
- Кога користите кутија за таблети, полнете ја секоја недела во исто време, на пример секоја недела после појадокот.
- Набавите шишенца за таблети со бројач на времето на капачето и наместете аларм кој ќе ве потсети кога е време да ја испиете следната таблета.
- Кога ќе одите на патување, понесете доволна количина од лековите и за неколку дена повеќе, во случај да морате да го одложите враќањето дома.
- Во текот на патувањето со авион, чувајте ги вашите лекови во чантата која ќе ја понесете со себе во кабината. На тој начин ќе ги избегнете потешкотиите во случај на изгубен багаж, но и температурите во просторот за багаж во авионите може да им наштетат на лековите.
Статистичките податоци од Американскиот Центар за контрола и превенции на болести:
- Од 20 до 30 проценти од новите рецепти никогаш не се земаат во аптеките.
- Во 50 проценти од случаите лековите не се земаат на начинот кој е препишан.
- Кај пациентите со хронични заболувања поголемиот дел од нив после 6 месеци земаат помали дози или целосно престануваат со земање на лековите.
- Само 51 процент од пациентите кои во текот на подолг временски период мораат да ги земаат лековите за висок крвен притисок продолжуваат со терапијата.