Знаете ли зошто денес сите носат шарени и различни чорапи?
На овој ден, 21-ви март, луѓето облекуваат шарени чорапи со цел да им дадат поддршка на луѓето со Даунов синдром. Оние кои носат различни чорапи покажуваат колку е важно да ја прифатиме разликата помеѓу луѓето. Веројатно се прашувате која е симболиката на шарените и различни чорапи.
Луѓето со Даунов синдром се навистина весели и ведри личности, а нивната позитивна енергија ги „заразува“ сите околу нив. Поради ова, не само што се носат различни чорапи, туку се носат и чорапи со навистина весели бои.
Денес е светскиот ден на луѓето со Даунов синдром, а прв пат е обележан во Сингапур во 2006-та година. Причината што е одбран токму овој ден е симболиката на броевите во датумот. Имено, станува збор за генетско нарушување кое е резултат на вишок хромозом кој настанува во моментот на зачнувањето на детето.
Францускиот генетичар Жером Лежен, во 1959-та година открил за што всушност станува збор. Тој ги проучувал хромозомите и открил дека на 21-виот пар, наместо два, се наоѓаат три хромозоми. Одовде потекнува идејата овој ден да се слави на 21.03 – 21 пар, 3 хромозоми. Името на синдромот потекнува од англискиот доктор Џон Лангдон Даун, кој во 1866-та година за прв пат го опишал ова нарушување. Според некои процени, на секои 650 новородени деца, се раѓа едно со Даунов синдром.
Дали и вие ќе го прославите овој ден со различни и шарени чорапи?