Знаци на депресија и анксиозност можат да се забележат уште кај новороденчињата
Депресијата и анксиозноста можат да се појават уште од најрана возраст. Имено според најновите истражувања, градбата на мозокот кај новородените бебиња може да предвиди која е веројатноста кај детето да се јават рани симптоми на некои поблаги ментални болести како што се тага, претерана срамежливост, нервоза и анксиозност. Овие рани симптоми се тесно поврзани со клиничката депресија и анксиозноста кај поголемите деца и возрасни.
Важно е да се спомене дека условите и околината во која децата растат, можат да доведат до промени и да влијаат на појавата на овие симптоми, односно да ја зголемат или намалат можноста за нивната појава.
Првичната цел на истражувањето била да се испитаат разликите помеѓу структурата на мозокот кај предвремено родените бебиња и оние кои се родиле на време. Некои претходни истражувања покажале дека предвремено родените бебиња се изложени на поголем ризик од психички заболувања и истражувачите сакале да знаат дали разликите во структурата на мозокот играат некаква улога.
Најпрво, истражувачите направиле магнетна резонанција на 65 навреме родени бебиња и на 57 предвремено родени, најмалку 10 недели пред предвидениот термин. 2 години подоцна, истражувачите испитале дали децата покажуваат рани симптоми на депресија и анксиозност.
Кога ги анализирале снимките на мозокот, истражувачите се фокусирале на тоа како амигдалата, односно центарот за страв во мозокот, комуницира со останатите мозочни области. Резултатите не покажале големи разлики меѓу предвремено родените бебиња и оние кои биле родени на време. Меѓутоа, силните врски меѓу амигдалата и инсулата (задолжена за свеста и емоциите) и медијалниот префронтален кортекс (задолжен за планирањето и донесувањето одлуки) биле поврзани со зголемениот ризик од анксиозност и депресија кај децата на двегодишна возраст. Тоа значи дека одредената структура на мозокот, присутна уште од раѓање, може да го предвиди подоцнежниот ризик од ментални заболувања.
Истражувачите планираат повторно да извршат испитување на децата кога ќе имаат 9-10 години за да видат како нивните мозоци се развиле со текот на времето и да проценат дали влијанието на мозочната структура оставила долготрајни последици.
„Ако успееме да разбереме како начинот на кој се поврзани центрите во мозокот влијае на раните социјални и емоционални проблеми, ќе можеме да откриеме дали искуствата на децата додека се во болница или во раното детство можат да ја променат структурата на мозокот и дали можат да ѝ влијаат позитивно или негативно“, објаснил еден од истражувачите.
Мора да признаеме дека станува збор за откритие што целосно го менува општото мислење за анксиозноста и депресијата. Обично се верува дека нивни причинители се животните потешкотии и искуства, но овие истражувања докажуваат дека структурата на мозокот во најголема мера ја одредува можноста за појава на депресија и анксиозност кај луѓето.