Жена фотографирала бездомник и сфатила дека е нејзиниот татко
Американско-корејската фотографка започнала да фотографира бездомници уште додека студирала фотографија. Додека правела фотографии на улицата, еден од мажите го препознала како нејзиниот татко, којшто го немала видено со години откако нејзините родители се разделиле.
Диана Ким имала само 5 години кога нејзините родители се разделиле и нејзиниот татко станал, како што и самата велела, „отсутен“. Мајката на Ким имала тежок период – одела кај роднини и пријатели со нејзиното девојче, а понекогаш останувала во паркови и преноќувала во автомобилот. Но Ким го гледала искуството како можност да ги изгради нејзините вештини за преживување.
Татко ѝ на Ким имал студио за фотографија и нејзиниот интерес за фотографирањето започнал со него. Ким започнала да фотографира бездомници уште додека била на факултет како дел од проект, а продолжила со тоа и откако станала професионален фотограф. Овој проект бил навистина блиску до нејзиното срце, најверојатно поради тешкото детство и фактот дека знае како е да се биде заборавен.
Кога Ким фотографирала на улиците на Хонолулу, таа сфатила дека еден од мажите коишто ги фотографира, бил всушност нејзиниот татко. Таа се обидела да разговара со него, но тој бил во многу лоша состојба, физички и ментално, па одбил да зборува со фотографката. Ким неколку пати се обидувала да му го одвлече вниманието, но безуспешно. Тој не ја ни погледнувал.
Иако нејзиниот татко одбивал да ја препознае, Ким не се откажала. Одела одново и одново за да се обиде да разговара со него, надевајќи се дека ќе добие одговор. Срцето ѝ се кршело што го гледала татко си во таква лоша состојба, без можност да направи што било. Гледајќи го низ објективот бил нејзин начин да се зближи со него.
Фотографијата е многу повеќе од замрзнати слики кога се прави со страст каква што ја има Ким. Фотографијата може да ги долови чувствата и емоциите. Речиси иронично е што татко ѝ на Ким ѝ го пренел интересот за фотографија на ќерка му, а подоцна токму фотографијата станала мостот што ги поврзува.
Еден ден татко ѝ на Ким имал инфаркт на улица и некој повикал брза помош. Во болницата, покрај грижата за срцето, добил третман и за неговата ментална состојба, па на некој начин, инфарктот му го спасил животот.
Правилниот третман направил голема разлика и состојбата на татко ѝ на Ким многу се подобрила. Тој и неговата ќерка сега работат на градењето на нивната врска и ги прават вообичаените семејни активности што ги испуштиле во минатото, како одење на кино, возење, или само пешачење по плажата.
„Оваа приказна не е само моја… тоа е приказна на сите… сите знаеле некој кој или бил или сега е бездомник. Се надевам дека ова ќе помогне да ја направи бездомноста почовечна за нашето општество“, изјавила Ким.
„Колку повеќе го запознавам, толку повеќе се запознавам себеси… Толку сум благодарна што тестот на времето и истрајноста ни ја даде можноста да се видиме онакви какви што сме. Ако на почетокот не успеете, обидете се повторно!“