Зен приказни: Што е вистинска благосостојба?
Зенизмот е школа којашто потекнува од Кина, а понатаму се проширува и во други земји. Стариот зенизам бил толку свеж што и денес се чува и памети. Непосредноста на зенизмот навела многумина да веруваат дека тој настанал од некои извори пред времето на Буда. Но, без разлика на неговото потекло, ние и ден денес можеме да извлечеме многу мудрости од познатите зен приказни.
Потрудете се да ја извлечете најдобрата поука од овие зен приказни, кои со сигурност нема да ве остават рамнодушни!
Калливиот пат
Еден ден Танзен и Екидо патувале заедно по каллив пат. Цело време врнело силен дожд. Свртувајќи зад свијокот, тие сретнале една убава девојка во свилено кимоно со појас, која не можела да помине на другата страна од патот.
„Ајде девојко“, ѝ рекол Танзен не размислувајќи ни секунда.
Кревајќи ја на раце, тој ја пренел преку калта. Екидо веќе не проговорел ни збор, сè додека доцна таа вечер не стигнале во храмот во кој требале да ноќеваат. А потоа веќе не можел да се воздржува.
“Ние, монасите, не им приоѓаме на жените”, забележал тој, “Посебно ако се млади и убави. Тоа е опасно. Зошто го направи тоа?“
“Јас девојката ја оставив таму”, рекол Танзен смирено. “Зар ти сè уште ја носиш со себе?”
Вистинска благосостојба
Некој богаташ го замолил Сенгај да напише нешто што би донело трајна благосостојба за неговото семејство, што ќе се пренесува од колено на колено. Сенгал зел голем лист хартија и напишал: „Умира таткото, умира синот, умира внукот“.
Богаташот се налутил, викајќи: „Те замолив да напишеш нешто што ќе го усреќи моето семејство! Зошто се шегуваш со мене?“
„Не се работи за шега“, објаснил Сенгај. „Ако пред тебе умре твојот син, ти би бил многу тажен. Ако пред твојот син умре твојот внук, тоа би ви ги скршило срцата и на двајцата. Ако твоето семејство со генерации заминува по дадениот редослед, тоа ќе биде природен тек на животот. Тоа е за мене вистинска благосостојба“