Запознајте ја жената што пред 100 години била позната по тоа што никој не можел да ја насмее!
Водвиљ, кратка и лесна театарска игра без голем заплет во која преовладува пеењето, била најпознатата форма на американска забава од 1880-тите до 1920-тите години и слободно може да се каже дека е и еден вид предок на модерната американска поп култура. Водвиљот најчесто се состоел од различни серии кратки акти (од 6 до 15 минути долги). Актите вклучувале најразлични видови забава, од магични трикови до животински перформанси.
Во Њујорк, театарот Викторија бил една од најпознатите водвиљ куќи во Америка на крајот од 19-от век. Подоцна, Рајската градина на кров била изградена над него и двете локации заедно станале познати како Хамерстајнс. Од 1904 до 1914 година, куќата била водена од Вили Хамерстајн, кој склопувал многу популарни водвиљ претстави. Една од нив била познатата Соубер Су.
Во текот на летото во 1907-ма година, изведувачката познат како Соубер Су почнала да се појавува на сцените во Рајската градина на кров и често била нарекувана „девојката што никогаш не се смеела“. Продуцентите на театарот нуделе и до 1.000 долари награда за секој што ќе се обиде да ја натера Соубер Су да се насмее. Најпрво луѓето од публиката се качувале на сцената и правеле смешни фаци или ги кажувале своите најдобри шеги, но не успевале воопшто да допрат до неа. Потоа, професионални комичари почнувале да го преземаат предизвикот, така што го изведувале својот најдобар материјал. Но, Соубер Су не ја ни помрднувала својата уста. Со тек на време, нејзината рутина станала многу популарна, па публиката била во исчекување да види насмевка на нејзиното лице додека истовремено се забавувала и со најдобрите професионални комичари од тоа време.
Постојат многу теории што кружеле за лицето без емоции на Соубер Су. Некои верувале дека таа била делумно глува или слепа, но вистината била откриена дури во текот на зимата во 1907-ма година. Било невозможно Су да се насмее затоа што нејзините фацијални мускули биле парализирани. Целото сценарио било оркестрирано од самиот Вили Хамерстејн, којшто ѝ плаќал на Соубер Су 20 долари неделно, што не било воопшто лоша плата за тоа време. Но, откако се разоткрила мистеријата, комичарите го осудиле Вили и никогаш не му простиле.
Многу детали за Соубер Су се непознати и до ден-денес. Не може дури ни да се најде фотографија од неа. Се верува дека нејзиното вистинско име било Сузан Кели и дека таа страдала од синдромот мобиус. Станува збор за ретка состојба што се карактеризира со слабост или парализа на повеќе кранијални нерви, но сè ова се само шпекулации. Како и да е, Соубер Су оставила големо наследство зад неа – нејзиното име ќе продолжи да се користи во шоу-бизнисот како метафора за исклучително тешка публика. На пример, често може да се прочита во рецензиите за комичарите дека шоуто е толку смешно, што би можело да ја насмее дури и Соубер Су.