Запознајте ја Сабрина Пастерски, 23-годишната девојка позната како новиот Ајнштајн
На 23-годишна возраст, Сабрина Пастерски веќе има понуда за работа од НАСА. Нејзиното истражување е цитирано од страна на Стивен Хокинг и веќе поминала скоро декада откако таа го изградила својот прв мотор за авион. Со сите овие постигнувања, нè тера да се замислиме што ние правиме со нашиот живот…
Сабрина Пастерски добро знае што сака во својот живот. Таа веќе работи на својот докторат на Харвард и е една од најдобрите студенти во својата генерација на МИТ. Никогаш во својот живот не пробала алкохолен пијалак, ниту пак цигара и нема профил на социјалните мрежи, од Фејсбук па сè до Линкдин. Таа дури нема ни смартфон.
„Попрво би сакала да останам на штрек, и се надевам дека ќе бидам позната по тоа што го правам, а не тоа што не го правам“, изјавила таа.
А тоа што го прави е навистина неверојатно. Пастерски ги истражува црните дупки, време-просторот и квантната гравитација, а нејзините студии се поддржани од голем број големи имиња, меѓу кои и Ендрју Стромингер (нејзиниот советник од Харвард) и Стивен Хокинг. Една од нејзините специјални способности наведени во резимето ѝ е: „Забележување елеганција во хаосот.“
Пастерски од мали нозе сака да дизајнира вселенско летало. Затоа таа и го изградила својот прв авион со еден мотор на само 14 години, па покрај понудата за работа од НАСА, има и од Џеф Безос, основачот на Амазон, како и од компанијата за истражување и развивање вселенски летала „Blue Origin“.
Но работите не ѝ оделе отсекогаш толку добро. Пастерски била одбиена од Харвард и додадена на листата за чекање на МИТ во 2010, пред конечно да ја прифатат. Од тој момент, таа дипломирала со сите почести и влегла во престижната програма на Харвард за докторати, добивајќи 250.000 долари за своето истражување.
Во овој момент таа е фокусирана да се справи со проблемите на физиката што ја возбудуваат, како и да научи што е можно повеќе од богатите ресурси што ѝ се на располагање. Но со неверојатните понуди за работа, таа во иднина може да направи голема промена во воздухопловството, особено во патувањето низ вселената. Компаниите како „Blue Origin“ и „SpaceX“ постојано бараат млади умови што би можеле да ја обликуваат иднината на вселенското патување и да нè одведат во нови пространства.
И покрај сè, таа е скромна за нејзиниот успех:
„Јас сум само студент. Имам уште многу за учење. Не го заслужувам сето ова внимание.“