Загрижувачки податок: Дури 69% од младите ја сликаат храната пред да почнат со јадење!
Социјалните мрежи претставуваат значаен дел од животот на секој млад човек. Младите денес чувствуваат потреба да објавуваат фотографии од сите нешта што ги прават, од местата што ги посетуваат како и од храната што ја јадат. Според законот, не смее да се почне со јадење додека не биде објавена убава фотографија! Владее мислењето дека ако не е објавено на Инстаграм, исто како да не се случило.
Според најновите истражувања дури 69% од младите ја фотографираат хранат пред да почнат со јадење. Тоа и не е толку големо изненадување со оглед на тоа што главната цел на луѓето денес е да остават позитивен впечаток на социјалните мрежи и да го претстават нивниот живот како совршен. А да не навлегуваме во муабетот дека биле направени 100 фотографии пред да се добие совршената со совршено осветлување и од совршен агол. Младите се претставуваат себеси како експерти за храна и мајстори за готвење. Но, дали е тоа навистина така во реалноста?
Социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм им овозможуваат на младите да создадат илузија за нивниот живот, во која веруваат сите нивни пријатели и следбеници. Сепак, таа слика измислена со цел да се предизвика завист кај останатите е далеку од она што се случува во реалноста. Во денешно време, сите се стремат кон тоа да го добијат туѓото одобрување и да го зголемат сопственото влијание и статус меѓу врсниците. Сѐ се врти околу „пумпањето“ на егото и промовирањето на лажни морални вредности.
Луѓето ги користат лајковите како мерка за лична вредност. Што повеќе лајкови соберат, толку позначајно се чувствуваат. Суровата вистина е дека на вашите пријатели и следбеници воопшто не им е грижа какво селфи сте направиле или што сте јаделе за ручек.
Во ред е да објавувате фотографии кои сведочат за некој важен момент од вашиот живот. Никој нема да ви суди ни доколку објавите уметничка фотографија од зајдисонце на која сте особено горди. Но, немојте да ги „бомбардирате“ луѓето со секоја можна секунда од вашето секојдневие. Не мора да го сликате секое кафе што ќе го испиете и слободно можете да почнете со јадење и без да ги известите сите за тоа колку здрав оброк сте си подготвиле. Не дозволувајте бројот на лајкови да ве дефинира. Живејте за себе, а не за другите.
Доколку ве заинтересира оваа тема, дознајте што мислат луѓето за вашите селфиња.