Забранетиот проколнат остров Повеља во Италија
Островот Повеља се наоѓа во Италија, во венецијанската лагуна, помеѓу Лидо ди Јесоло и Венеција. Поради својата мрачна историја, овој остров се смета за едно од најпроколнатите места во цела Италија.
Островот за првпат е пронајден во 421-та година по нашата ера, кога луѓето од Падуа и Есте оделе таму за да се сокријат од нападите на варварите. Во 9-от век, островот станува значително населен, но сепак домородците не биле оние кои го направиле познат по паранормалните и мрачни активности.
Имено, овој остров бил важно стратешко место за Италијанците. Во 1379-та, во војната помеѓу Серенисима и Џеноа, најмногу придобивки потекнале токму од овој остров, па затоа владата решила островјаните да ги пресели на друг остров, а Повеља да го претвори во тврдина, наречена Октагон. Оттука почнува страшната и мрачна историја на овој остров. Според една легенда, вештерка која носела потекло од првите населеници на островот, од 5-от век, го проколнала островот, посакувајќи тој никогаш повеќе да не биде населен.
Во 16-от век, калуѓерите од Камалдоли не сакале да се вселат во тврдината, и во наредните 100 години островот останал ненаселен. Државата потоа им понудила на потомците на домородците да се вратат на островот и повторно да изградат свои домови, но тие одбиле, можеби поради клетвата која била фрлена врз оние кои повторно ќе се населеле на проколнатиот остров. Но која била другата причина за толкав страв? Еден од другите мотиви за страв било тоа што Повеља служел како масивна гробница за жртвите од Црната смрт и други чуми што претстоеле.
Историјата на овој остров се стекнала со уште еден страшен настан во 1777-та година, Јавното здравство островот го претворил во место за чекирање на бродови, и кога некој од бродовите носел луѓе заболени од чума, тие луѓе биле затворани на Повеља. Потоа, островот официјално станал карантин за поморски патници и бил освоен од Наполеон Бонапарта. Црквата која со векови опстојувала на островот, била уништена и преправена во светилник. Целосното уништување на последните сведоштва за островот, ја обележуваат неговата идна, мрачна историја.
Во 20-от век, островот останал да служи како карантин, а потоа тврдината била претворена во душевна болница. Во шеесеттите години на минатиот век кога таквите институции биле затворени во Италија, островот повторно останал ненаселен. Се вели дека во една од душевните болници, постоел доктор кој ги измачувал пациентите. Според легендата, докторот полудел и се самоубил, фрлајќи се од прозор. Неговото тело сè уште не е откриено.
Во историските анали, наведени се најмалку 160 илјади починати на Повеља, што пак го потврдува статусот на овој остров како место со најголем процент на смртност. Легенди за лудиот доктор, за жртвите на чумата и војната, за потомците на домородците кои насилно биле отселени од островот, сè уште кружат и го прават Повеља еден од најмрачните и најпрогонувани острови. Денес Повеља е затворена за посета на туристи и е попозната како „забранетиот остров“.