Забавни активности на Скијатос
Скијатос е релативно мал остров, но неговата извонредна местоположба и природните убавини го прават место погодно за цела низа забавни активности, буквално за сечиј вкус.
Прошетки
Како и секој морски рај, така и Скијатос е идеален за оние што сакаат да се прошетаат, особено приквечер, покрај морскиот брег или пак високо во ридовите, од каде што се гледаат морските пространства. Постојат повеќе патеки за пешачење, но голем дел од нив се претворени во земјени патеки. Островот е мал, но не премногу мал, па затоа само поамбициозните би требало да тргнуваат на подолги прошетки.
Кампирање
Постојат два официјални кампови на островот. Едниот се наоѓа близу плажата Ксанемо, недалеку од крајот на аеродромот. Другиот е кампот Кукунарис, на спротивната страна од островот. Поискусните кампери и оние што се поавантуристички настроени можат да кампираат и на необележани места на островот.
Едрење
Водите околу островот Скијатос и соседните острови Скопелос и Алонисос се вистински рај за оние што сакаат да едрат, но и за оние што сакаат да уживаат во убавините на природата. На островот можете да изнајмите едрилица до или над 10 метри, да заминете сами на едрење или со придружба, а искуството во секој случај ќе биде незаборавно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.