За сите Инстаграмџии: Науката вели дека споделувањето една фотографија дневно е добро за вашето здравје
Ново истражување открива дека правењето една фотографија дневно и нејзиното споделување онлајн, може да има позитивно влијание врз вашето здравје. Истражувањето е спроведено од страна на британските научници Лиз Брустер од Универзитетот Ланкастер и Ендру М. Кокс од Универзитетот Шефилд, врз мала група фотографи-аматери, на возраст од 20-60 години, коишто веќе објавувале фотографии на Инстаграм, Фликр и Блипфото.
Истражувачите ги анализирале објавените фотографии на сите учесници, описот којшто го ставале заедно со нив, како и онлајн реакциите коишто ги добивале од другите фотоентузијасти. Последниот дел од истражувањето, вклучувало телефонско интервју, во коешто учесниците ги споделувале нивните искуства од прва рака.
По завршување на истражувањето, научниците откриле дека популарната брзорастечка Интернет активност, којашто се состои од споделување една фотографија дневно, давало слични ефекти како и други постивни дневни активности, како што се јогата, џогингот или цртањето.
Истражувачите објаснуваат зошто оваа навика прави позитивна промена на дневно ниво:
„Ваквите активности, презентираат една едноставна формула за правење позитивна промена секој ден и создавање навика да правиме постојано нешто ново. Јавната посветеност да споделуваат една фотографија секој ден, воедно, овозможува и прилика за дневна интеракција со други луѓе. Исто така, правењето фотографии се поврзува и со други офлајн активности, како што се прошетката и опсервацијата, коишто нè поврзуваат со светот на едно свесно ниво.“
Во продолжение, прочитајте што учесниците додаваат на оваа тема:
„Навистина ми е убаво да одвојувам по 5 минути секој ден, за да направам нешто креативно, во коешто уживам и сметам дека тоа позитивно влијае на моето здравје. Позитивноста се состои во тоа да имам нешто кон коешто се стремам секој ден.“
„Мојата работа беше многу стресна. Ох, Господе… Имаше денови во кои не можев ни да подзастанам за да земам воздух, верувам знаете на што мислам… Самата помисла дека можам да паузирам за миг и да направам на пример, фотографија од инсектот којшто седи на мојот компјутер, е нешто што мислам дека е многу добро за мојата благосостојба.“
„Ми се допаѓа самата активност на споделување разни нешта и поврзувањето со други луѓе, преку разни нивни реакции. Секако, некогаш ќе се најдат и луѓе коишто ќе ве изненадат со нивните реакции, бидејќи споделувањето работи онлајн, е исто како истовремено да разговарате со голем број различни типови луѓе, што е малку чудно. Меѓутоа, чувството на поврзаност со другите, помага да се чувствувате подобро.“
„Кога се чувствувам нерасположено, убаво ми е да скролам надолу низ профилот и да се присетам на некои убави спомени. Фотографиите коишто сум ги направила се поврзани со некој убав спомен, дури и ако се однесува на нешто многу едноставно, како што е убавата пауза за ручек од половина час, во којашто сум седела на некоја локација надвор од работното место и сум се чувствувала релаксирано“.
Погледнете ги и овие нешта што можат да ги разберат само вистинските зависници од Инстаграм!