За што служи папокот?
Трепките ги заштитуваат очите, белите дробови ни овозможуваат да дишеме и секој друг орган во телото – внатрешен и надворешен – има конкретна, релативно позната задача. Од друга страна, изгледа како папокот само да собира нечистотија. Точно е дека тој ја има најважната функција пред да се родиме, но не е сосема бескорисен ни кога сме возрасни.
Кога сте биле фетус, вашиот папок претставувал еден вид стомачен портал – вашата папочна врвца била поврзана со плацентата во матката на вашата мајка преку која сте ги добивале сите хранливи материи и кислород и сте го исфрлале отпадот.
Кога се раѓаме, папочната врвца се сече оставајќи еден вид лузна која никогаш не исчезнува. Можеби сте слушнале дека изгледот на вашиот папок е директно поврзан со вештините за управување со ножиците на докторот кој ве донел на свет, но тоа не е вистина. Д-р Ден Полк, неонатолог од Чикаго објаснува дека обликот на папокот има врска со тоа колку кожа од телото на бебето оди кон папочната врвца. Помалку кожа создава вдлабнатина, повеќе кожа – испакнатина. Околу 90% од луѓето имаат вдлабнат папок.
Како и да изгледа вашиот папок, веројатно не го користите за ништо на дневна база. Но, ако сте учеле анатомија, знаете дека тој ја претставува централната точка според која стомакот се дели на 4, односно на 9 дела.
Вашиот папок може да ви послужи доколку треба да правите лапароскопска операција, при што се користи како отвор за да не се прави дополнителна лузна на друг дел од стомакот.
Папокот е значајно централно обележје и надвор од медицината. Ако сте вежбале јога или пилатес, можеби сте чуле за центарот на рамнотежа или центарот на гравитација. Бидејќи се наоѓа точно над стомачните мускули, папокот е соодветна точка на која вашиот инструктор може да ве упати кога сака да пристапите до вашиот центар, што секако помага со рамнотежата.
Прочитајте ги и овие занимливи факти за папокот кои можеби не сте ги знаеле.