За подобро помнење, само насмевнете се
Насмевката се бори против хормоните на стрес кои ја оштетуваат способноста на мозокот да учи и да помни. Истражувачите од Универзитетот Лома Линда, откриле дека постарите луѓе кои страдаат од дијабетес постигнувале повисок резултат на мемориските тестови откако им било покажано смешно видео.
Причината изгледа се наоѓа во кортизолот, „хормонот на стрес“, кој ја оштетува способноста на мозокот за учење и помнење, а тоа го постигнува така што влијае врз одредени неврони во мозокот. Но, хуморот и смеата се добро познати ослободувачи од стрес. Еден од авторите на студијата, д-р Ли Берк вели:
„Многу е едноставно. Колку помалку сте под стрес, толку е подобра вашата меморија. Хуморот ги намалува хормоните на стресот, како кортизолот, го намалува вашиот крвен притисок, го зголемува протокот на крвта и го подобрува вашето расположение. Со помош на смеата се отпуштаат ендорфини и допамини во вашиот мозок, а тие ви овозможуваат чувство на задоволство и награда. Овие позитивни неврохемиски промени од кои имаме голем број придобивки, меѓу другото, влијаат позитивно и врз имунитетот. Но сепак, она што е најинтересно во оваа студија е откритието дека промените во активноста на мозочните бранови го зголемуваат вашето помнење и потсетување. Така што, слободно можеме да заклучиме дека смеењето не само што е добар лек, туку и со подобрувањето на нашата меморија се подобрува и квалитетот на нашиот живот.“
Водечкиот автор на студијата, д-р Гјуриндер Синг Бејнс додал:
„Резултатите од нашето истражување ни нудат потенцијални клинички и рехабилитациони придобивки кои можат да бидат додадени во програмата за грижата на постарите. Когнитивните компоненти како способноста за учење и подоцнежното потсетување на тие информации стануваат сѐ поголем предизвик како што старееме и се клучни за подобрување на квалитетот на животот: мозокот, телото и духот.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.