За оние кои веруваат во натприродни сили: 5 знаци дека вашиот дом е опседнат со духови
Во зависност од тоа колку верувате во духови, дали секое крцкање го припишувате на натприродна сила, или, пак, тоа ви е знак дека треба да го смените паркетот, можно е сите тие мистериозни работи што ви се случуваат дома да ги сфатите како знак дека некој дух ве прогонува или како присуство на некој ваш близок кој починал. Дури и да не верувате признајте дека барем еднаш сте се запрашале дали е тоа возможно. Доколку сте љубопитни прочитајте ги следниве неколку знаци кои го издаваат присуството на духовите, според спиритуалниот медиум Морин Хенкок…
1. Забележувате бесконечен број
Според Хенкок, ова обично се случува кога некој ваш сакан кој починал се обидува да ви покаже дека е тука. Хенкок објаснува дека вашите сакани ќе ви кажат дека се присутни на различни начини, како на пример преку покажувањето 11:11 на часовникот. Тоа значи бесконечност и нема крај.
2. Чувствувате необичен мирис во вашиот дом
Може да станува збор за чад од цигари, дури и никогаш да не сте пушеле во животот. Или, пак, мирисот на некое јадење кое го готвела мајка ви одеднаш е присутен во кујната. Овој мирис може да биде каков било, но тој ќе ве потсети на некој ваш близок кој починал. На овој начин тој се обидува да ве утеши со неговото присуство.
3. Не можете да ги објасните проблемите со водоинсталацијата и електричните уреди
Некои духови можат да бидат малку поѓаволести од духовите на вашите блиски. Според Хенкок, духот на вашиот сакан никогаш нема да направи нешто што би ве исплашило, туку ќе го покажат нивното присуство на нежен начин поради што ќе се почувствувате сигурни. Но, ѓаволестиот дух може да прави работи што ќе ве исплашат. Понекогаш тој може да ја вклучува и исклучува водата, или ќе чуете трескање на врати. Тогаш станува збор за духови кои се некако поврзани со домот каде што живеете. Според нив, вие не припаѓате тука.
„Има некои домови, посебно постари домови, во кои понекогаш се чувствува енергијата на нивните оригинални сопственици, оние кои го изградиле домот. Тие се задржуваат некое време таму и сакаат да бидете свесни за нивното присуство. Можеби се работи за стар човек, чија сенка постојано ја гледате во прозорецот“, објаснува Хенкок.
Овие појави особено се зголемуваат, доколку новите сопственици ја реновираат куќата. Исто така, духовите обожаваат светло.
„Честопати тие го одбираат истото светло. Дури и да ја промените сијалицата или да викнете електричар да ја поправи, таа сѐ уште ќе биде под влијание на духот“, вели Хенкок.
4. Се будите во демонско време
Ако се будите секоја вечер во 3 часот наутро, може треба да намалите со кофеинот навечер. Или можеби има духови во вашиот дом кои сакаат да ве будат.
„Границата помеѓу нашиот и спиритуалниот свет е најтенка помеѓу 3 и 5 часот наутро, но најчесто се будиме помеѓу 3:15 или 3:30 наутро. Поради тоа што границата е толку тенка, духовите можат да ве разбудат, па дури и да ви се појават на сон“, вели Хенкок.
5. Во вашиот дом има необјасниви промени во температурата
Тука не се работи за спалната соба којашто е секогаш ладна. Според Хенкок, ако одеднаш почувствувате студ на вашиот врат и температурата се променила, можно е да станува збор за спиритуално присуство. Буквално ве полазуваат морници и чувствувате како некој да стои зад вас. Ова исто така важи и доколку одеднаш во собата почнува да владее некоја тешка и загушлива атмосфера или станувате нервозни веднаш штом влезете внатре. Сенките и одблесоците што ги забележувате се исто така чести знаци на дух.
Ви звучи познатo? Еве што да направите
Хенкок предложува неколку работи што можете да ги направите за да се ослободите од духовите што не ги сакате во домот. Вообичаено, повеќето луѓе би се чувствувале пријатно доколку видат некој нивен близок кој починал. Но, ако вашиот дом е опседнат од духови кои се поѓаволести, ова се советите на Хенкок…
Кажете му на духот да си оди
Треба да му покажете на духот кој е шефот. Хенкок советува да комуницирате со духот. Кажете му нешто како: „Ние живееме тука, го цениме тоа како си го средил домот и ние со многу почит ќе направиме неколку промени“. На тој начин, духовите ќе се почувствуваат ценети. Луѓето ќе ви се смеат кога ќе го кажете тоа, но Хенкок се соочила со многу настани кога некој кажал само: „Ми се спие, мораш да си одиш“, и духот престанал.
Доколку сте религиозни, попрскајте го домот со светена вода
Ова зависи од вашите лични убедувања, но според Хенкок свештеник или некој друг спиритуален работник може да го реши проблемот.
„Секогаш им велам на луѓето да закачат крстови и да попрскаат со светена вода, затоа што јас сум религиозна. Ако донесете светлина, ќе ја избркате темнината. Спиритуалните работници понекогаш ставаат сол во одредени делови од просторијата и користат кристали или изведуваат други церемонии“, објаснува Хенкок.
Доколку не ви се допаѓа идејата да закачите крстови низ целата соба, ние ви предложуваме да ги тргнете завесите. Мора да признаеме дека сѐ е многу пострашно кога се случува во темница.
Мавтајте со жалфија како спиритуална божица
Овие совети можеби ви делуваат како некои типични решенија што ги гледаме на евтините хорор филмови, но според Хенкок тие навистина помагаат. Таа советува да набавите жалфија и да го поминете целиот дом со неа. Мавтајте со стапче од жалфија во секоја соба и на тој начин ќе ги порчистите од негативната енергија или од нечие присуство кое не е добредојдено.
Дали навистина постојат духови или не, засега останува мистерија. Во секој случај забавно е и истовремено по малку страшно да се верува дека понекогаш нечие присуство може да нѐ изненади додека сме сами дома.