За Лувр, вечниот чувар на историјата и уметноста
Автор: Горан Боев, ликовен уметник
Париз е несомнено еден од најубавите градови на светот, а доказ за тоа е и милионската бројка на туристи кои дневно се движат по неговите улици. Тоа е град со богата историја и едно од најважните жаришта на европската култура. Париз е град на уметноста, а неговите архитектонски зданија се заштитен знак на Франција. Околу срцето на Париз, оформувајќи правилна кружница се наоѓаат добро познатите: црквата Sacre Coeur на Монмартр, катедралата Notre Dame, Операта и Ајфеловата кула. Во средината на тој круг се наоѓа многу значаен архитектонски комплекс – музејот Лувр (Louvre). Запознавајќи се подробно со оваа градба ние во голема мера можеме да разбереме што всушност Франција е, а со тоа ја дознаваме и суштината на речиси цела западна Европа.
Лувр годишно го посетуваат околу девет милиони посетители од целиот свет, а таа бројка се очекува рапидно да расте во наредните години. Поголемиот дел од нив се дојдени, секако, да ја видат богатата колекција на уметнички дела кои датираат од појавата на првите цивилизации (Месопотамија и Египет) па сѐ до европската уметност на 19-ти век. Но некои едноставно сакаат да прошетаат низ истите простории по кои шетале француските кралеви и кралици, значајни уметници, црковни достојници, познати поети и револуционери. Многу од нив тука живееле и тука умреле. Хрониката на француската историја е запишана дури и на покривот на ова велелепно здание, кој сам по себе претставува една извонредна уметничка галерија под отворено небо.
Името Лувр за прв пат се појавува во 1119 година кога кралот Филип Август почнува да гради тврдина каде ќе го чува своето богатство и своите воени заробеници. Но што всушност Лувр значи, поради големата старост, денес никој не знае.
Сѐ што е останато од првобитната тврдина денес се наоѓа под земја, поточно под квадратниот двор Cour Carree, а тоа се занданите во кои се чувани заробениците и лепрозните.
За време на мојот двомесечен престој во Париз (под покровителство на Министерството за култура), поради големината на музејот, Лувр го посетив три пати. При секоја посета редовно поминував низ Cour Carree – чудесен, од четирите страни затворен простор кој под пладневното сонце нуди една метафизичка атмосфера. Човек се чувствува како да влегол во некоја од сликите на Де Кирико.
Од таму се преминува во главниот двор (Cour Napoleon), на чија средина се наоѓа влезот во Лувр, крунисан со монументална, стаклена пирамида. Овој влез претставува извонреден градежен зафат кој под земја ги поврзува трите главни згради на музејот. Така, кога сте веќе долу, влезени во Лувр, можете да бирате, во зависност од уметноста што ве интересира, кој од павилјоните ќе го посетите: Denon, Sully или Richelieu.
Но, да се вратиме на хронолошкиот преглед на историјата. Од средновековна тврдина, кралевите што следат во наредните 350 години, Лувр ќе го претворат во палата за раскошен живот. На крај ќе дојде крал кој навистина е посветен на раскошниот живот, првиот ренесансен владетел на Франција, Франсоа I, кој палатата ќе ја урне и ќе ја редизајнира. Франсоа е вљубеник во лингвистиката, спортот, ловот и забавата, но најважно од сѐ, тој е голем вљубеник во уметноста. Затоа не случајно неговиот поглед е свртен кон Италија и тој откупува многу уметнички дела од италијанските мајстори меѓу кои е и Рафаел, а порачува и свој портрет кај славниот Тицијан. Но еден уметник и научник е посебно поврзан со името на кралот. Тој е поканет да живее и работи во Франција, на сметка на Неговото Височество, а некои претпоставуваат дека дури и умрел на рацете на Франсоа. Неговото име е Леонардо да Винчи. Неговите слики заземале посебно место и значење во богатата колекција на кралот. Во нив спаѓа и познатата Мона Лиза (портретот на Лиса Герардини, позната и како La Gioconda) која денес стои во павилјонот Denon и која поради својата популарност тешко може и да се види затоа што е сместена во ковчег од непробојно стакло, а пред неа редовно стојат и по стотина посетители.
Синот на Франсоа I, Анри II го доградува она што неговиот татко ги урива во палатата Лувр но тој не ги дели симпатиите кон италијанската уметност со него. Кога му се презентирани Робовите од Микеланџело, тој ги отфрла и се свртува кон француските вајари кај кои порачува теми од грчката митологија.
Според моето скромно познавање на класичната скулптура, во Лувр не видов ништо поубаво од делата на Микеланџело (Роб кој се ослободува и Роб на умирање). Нив ги создал дух на поет кој во својата трагичност и самиот посакува да биде камен, како што и запишува во една од своите песни.
Жената на Анри II, Катерина Медичи гради своја палата подалеку од веќе постоечката, а нејзиниот син Анри IV ги поврзува двете палати со таканаречената Grand Galerie. Лувр почнува постепено да го добива својот денешен изглед.
Анри IV се жени со Марија Медичи која по смртта на својот маж порачува серија на слики на кои се велича нивниот брак. Таа задача му ја доверува на еден од најпознатите сликари во тоа време, Фламанецот Питер Пол Рубенс.
Кога прв пат влегов во галеријата на Марија Медичи навистина имав проблем каде попрво да го сконцентрирам мојот поглед. Рубенсовите слики со огромни формати навистина се најдоследните остварувања на барокот, со извесна црта на допадливост која најверојатно и ласкала на тогашната сина крв. Рубенс неспорно е голем сликар, но бил и добар бизнисмен.
Внукот на Марија Медичи, кралот кој седнува на трон на петгодишна возраст е Луј XIV – Кралот Сонце. Тој живее во Лувр 17 години и за тоа време го довршува Cour Carree и од неговата надворешна страна ја гради Колонадата – неговиот најголем градителски придонес во Лувр. Во негово време, во собата на каријатидите, Молиер за прв пат ги изведува своите претстави.
Луј е голем вљубеник во сликарството. Од сите познати сликарски школи во Европа тој постојано купува и купува: Карачи, Тицијан, Џорџоне, Караваџо, Рембрант. Но баснословните суми потрошени на градење, уметност и забава ја донесуваат француската држава до банкрот. Како тоа ќе се одрази на идните кралеви? Токму тука, во Лувр, на Cour Carrousel ќе биде поставена првата гилотина на француската револуција.
На 27-ми мај 1792 год. тогашната народна власт донесува одлука дека Лувр – палатата на кралевите стапува во служба на народот односно станува национален музеј. Така и бива, но само за 6 години кога во Лувр се вселува новиот владетел на Франција, Наполеон Бонапарта.
Наполеон врши доградби на Лувр, а во Cour Carrousel подигнува и капија на чиј што врв првобитно стоеле бронзените коњи од црквата Св. Марко во Венеција.
Тој го декорира Лувр како никој пред него и го наполнува со најдобрите уметнички дела кои можела да ги обезбеди покорената Европа. Според него, секое генијално дело морало да ѝ припадне на Франција. По падот на Наполеон, оштетените европски земји доаѓаат по своето, но благодарение на француската дипломатија, поголемиот дел од делата остануваат во Лувр.
Од времето на Наполеон, француските амбасадори инвестираат во археолошки зафати при кои сѐ што е најдено на тлото на Египет, Сирија, некогашна Персија, па дури и во Грција и Италија се праќа во Лувр.
Наполеон III, внукот на Бонапарта станува император благодарение на сопствените амбиции и се венчава во Лувр. Тој е воедно и неговиот најголем градител. За 5 години, тој во Лувр успева да изгради повеќе отколку неговите предци за 700 години. Големиот дизајн за Лувр е конечно завршен и тој станува средиште на животот на тогашната аристократија. Но императорот заборава на непокорноста на народот така што во септември, 1817 година бунтовниците влегуваат во Лувр. Тогаш во пожар ќе настрада палатата Tuilerie (палатата на Катерина Медичи) за која по 20 години е донесена одлука целосно да биде срушена. Без неа, како отворена форма, Лувр го задржува својот изглед до денес.
Преку Лувр, во голем дел е раскажана историјата на Франција. И каков заклучок може да се донесе? Лувр е навистина олицетворение на западно-европската култура, култура која е склона кон раскош и престиж, која сака да се докажува иако понекогаш тоа го прави и со туѓи перја. Но јас не сум достоен да давам замерки, јас кој цело детство мечтаев да го посетам Лувр. Сепак човек овде ја ужива привилегијата, сета оваа светска уметност да ја доживее на едно место. Сепак овде уметноста е најдобро заштитена и го добива своето заслужено внимание. Заради тоа, музејот Лувр е, и останува да биде нејзиниот вечен чувар.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.