Време е да престанете да ги присилувате децата да го изедат нивниот зеленчук
Според неодамнешни истражувања, постои научна причина зошто децата не сакаат зеленчук. Ако навистина сакате да го јадат, треба да престанете да ги присилувате и да најдете нов начин да ја вметнете здравата храна во нивното мени.
Според професорот Расел Кист, нашата аверзија кон зеленчук и „пијалаци за возрасни“ постои од неверојатни еволуциони причини.
„Многу од истражувањата што сме ги направиле во врска со тоа како луѓето засакуваат одреден вид храна се засновани на кофеинот и неговата улога. Кофеинот е горчлива состојка и природно се наоѓа во кафето, чајот и чоколадото. Исто така е додаток на одредени газирани пијалаци. Ова е интересно бидејќи самата горчина е предупредувачки знак.“
Односно, во екот на еволуцијата, нашиот вид научил дека е од голема важност да не консумира нешто што е потенцијално опасно (горчливо). Често растителната храна содржела опасни состојки, па погорчливата храна, како на пример маслинките, го активира природниот заштитен механизам во нашата ДНК.
„Ако излезете надвор и почнете да џвакате лист, сигурно ќе ви биде горчлив. Причината е што имаме систем кој ни кажува дека можеби е опасно. Системот идентификува илјадници состојки и смета дека горчливиот продукт можеби содржи нешто штетно.“
За преживувањето на нашиот вид, вкусот има голема важност. Не е изненадувачки кога ќе научите дека можеби вашите омилени зеленчуци, како брокулата, ја содржат оваа горчлива состојка.
„Чувствителноста е малку поголема кога сме мали. Во овој спектар исто така има многу варијации помеѓу луѓето.
Ако мразите брокула дури и како возрасни, можеби имате „супер вкус“.
„Ако некој чувствува многу горчливост, на пример кај брокулата, постојаното изложување на оваа храна нема да направи да му биде убава. Постојат варијации за тоа како ја искусуваме оваа храна. Можеби некој има аверзија кон брокули бидејќи има рецептори за вкус кои реагираат на состојката во брокулите. Другите го немаат овој рецептор и го сакаат зеленчукот.“
Но постои уште една еволуциона причина зошто децата и некои возрасни не сакаат зеленчук. Кај зеленчуците нема причина да се развие желба за нив. Најчесто ги има многу, па не треба да ги бараме. Сега имаме супермаркети полни со храна направена според нашиот вкус, па не ни се потребни овие примарни реакции. Сепак тие се вградени во нашата ДНК и ќе бидат потребни илјадници години да се отстранат.
Па зошто како што растете одеднаш почнувате да сакате брокули? Причината не е дека ни се менува вкусот, туку едноставно сме научиле да ни се допаѓаат. Ако хранливите материи дале енергија и други позитивни ефекти на телото, вашиот систем ќе ги запомни и ќе почнете да уживате во таа храна.
Постојат многу нешта што на почетокот не ни се допаѓаат, но и тоа се учи. Сепак, зеленчукот е важен и потребно е и децата и возрасните да се обидат да го консумираат.
Можеби родителите мислат дека им прават добро на децата кога ги уценуваат и присилуваат да јадат зеленчук, но тогаш им праќаат други пораки. Знаете ли што всушност го учите вашето дете кога го терате да јаде зеленчук?
- Не му верувај на телото, некој друг знае што е најдобро за него.
- Зеленчуците не треба да ги сакаш. Сепак изеди ги.
- За да бидеш здрав треба да јадеш само зеленчук. Нема потреба од разновидна храна со добар вкус.
- Вечерата не треба да биде пријатно семејно искуство, туку вистинска битка.
- Исчисти ја чинијата и продолжи со јадење дури и кога не си гладен.
Како да ги охрабрите децата да јадат зеленчук и да се хранат поздраво?
- Подгответе оброк во кој има барем по еден продукт од секоја група храна.
- И вие хранете се здраво.
- Послужете ја храната, а вашето дете нека одлучи дали ќе ја јаде.
- Направете го оброкот пријатен и фокусирајте се на разговор и пристојни манири.
- Охрабрете ги децата да пробуваат нови видови храна.
Што ако не ги присилувате децата да јадат зеленчук?
Кога ќе престанете да го присилувате детето, тоа можеби ќе ја јаде омилената храна неколку недели додека не почне да ви верува. Потоа ќе се изненадите кога ќе почне да експериментира и со други видови храна. Можеби не секој ден, но постепено ќе го зголемува изборот на храна што ја јаде. Дајте им време на децата и оставете ги сами да донесуваат заклучоци.
Погледнете и кои се здравите навики што вашето дете мора да ги научи што порано.