водич, ноќно небо, метеорски дождови, планети, ѕвезди, астрономија, 2015,

Водич за набљудување на ноќното небо во 2015 година

Оваа година ветете си дека повеќе време ќе излегувате надвор и ќе погледнувате кон ноќното небо. Без разлика дали сте астроном или пак, само љубител на небесните настани, оваа година навистина ќе има што да се види. Сите овие настани можат да се гледаат со голо око, но секако подобро би можеле да ги доживеете со телескоп или добар двоглед. Погледнете што нè очекува оваа година на ноќното небо на Северната хемисфера…

Водич за набљудување на ноќното небо во 2015 година

Јануари

Дожд од метеори „Quadrantids“ – Овој настан трае од 1-ви до 5-ти (со најголем интензитет од 3-ти до 4-ти) и е првиот видлив метеорски дожд за годината. Тој ќе биде видлив ширум целото небо, со по околу 40 метеори во еден час, но поради полната Месечина ќе можете да ги видите само оние кои се најсјајни.

Февруари

Јупитер во опозиција – 6-ти февруари е најдобриот ден за набљудување на Јупитер, бидејќи тогаш тој е најблиску до Земјата и целосно ќе ја одбива светлината од Сонцето. Со помош на двоглед или телескоп, лесно ќе можете да ги видите неговите најголеми месечини: Ио, Европа, Ганимед и Калисто.

Спојување на Венера и Марс – Веднаш по зајдисонцето, на 22-ри февруари, Венера и Марс ќе изгледаат многу блиску еден до друг на западното небо.

Март

Затемнување на Сонцето – На 20-ти март ќе има тотална соларна еклипса каде што короната на Сонцето ќе биде видлива околу Месечината. Најдобриот начин да се следи овој настан е од Атлантскиот океан во близина на Гренланд, како и од северните делови на Сибир, но и оние кои живеат во Европа, Северна Африка и Западна Азија ќе можат да проследат делумна еклипса.

Април

Дожд од метеори „Lyrids“ – Овој метеорски дожд ќе биде видлив помеѓу 16-ти и 25-ти (во најголем интензитет помеѓу 22-ри и 23-ти), со по 20-тина метеори на час. Најдоброто време за набљудување е веднаш по полноќ, откако ќе зајде Месечината.

Мај

Дожд од метеори „Eta Aquarids“ – Овој дожд е составен од остатоците од познатата Халеева комета. Долготрајниот дожд ќе биде видлив од 19-ти април до 28-ми мај, но најмногу ќе се забележува на 5-ти мај, со по 30-тина метеори на час. За жал, полната Месечина ќе ги прикрие сите оние метеори кои не се доволно сјајни.

Сатурн во опозиција – 23-ти мај е најдобрата ноќ за набљудување на Сатурн кој ќе биде во својата најблиска точка до Земјата. Со среден телескоп (13-20 сантиметри) ќе можете да уживате во Сатурновите прстени како и во дел од неговите најсветли месечини.

Јули

Дожд од метеори „Delta Aquarids“ – И покрај тоа што овој настан трае од 12-ти јули до 23-ти август, сепак најдобро време за набљудување е од 28-ми до 29-ти јули. Обично се забележуваат околу 20-тина метеори на час, но повторно ќе се вмеша полната Месечина која ќе ги „избрише“ сите метеори кои не се доволно сјајни.

Август

Дожд од метеори „Perseids“ – Персеидите се едни од најомилените настани за љубителите на ноќното небо. Тие се видливи од 17-ти јули до 24-ти август, но во својот врв, на 12-ти август се забележуваат и до 60 метеори на час. Оваа година се очекува да ни приредат прекрасно шоу бидејќи Месечината нема да го осветлува небото.

Септември

Нептун во опозиција – 1-ви септември е најдобриот ден за набљудување на Нептун бидејќи тогаш тој ќе се наоѓа најблизу до Земјата. Искусните астрономи со моќни телескопи ќе имаат можност детално да ја набљудуваат 8-тата планета, додека пак аматерите ќе можат да ја забележат само како сина точка на ноќното небото.

Затемнување на Сонцето – На 28-ми септември ќе заврши тетрадата од тотални лунарни еклипси во 2014/2015 година. Ова затемнување на Сонцето ќе трае повеќе од половина час и ќе биде видливо за оние кои живеат во Северна Америка, Јужна Америка, Европа, Африка и дел од Азија. Еклипсата нема да биде видлива од Австралија.

Октомври

Дожд од метеори „Draconids“ – Со траење од 6-ти до 10-ти октомври, со најголем интензитет на 8-ми, Драконидите ни нудат само 10-тина метеори во текот на еден час. Нивната видливост дополнително се намалува и со влијанието на Месечината, па оваа година нема да бидат многу забележливи.

Уран во опозиција – 11-ти октомври е најдобрата ноќ за набљудување на Уран бидејќи тој ќе биде во својата најблиска точка до Земјата. Само оние со моќна опрема ќе можат да ги набљудуваат неговите детали, додека пак останатите ќе го гледаат само како мала тиркизна точка.

Дожд од метеори „Orionids“ – И овој дожд е составен од остатоците на Халеевата комета. Тој на ноќното небо ќе се протега од 2-ри октомври до 7-ти ноември, но најмногу ќе се забележува на 22-ри со по 20 метеори на час. Месечината ќе зајде пред полноќ, па небото ќе биде одлично за набљудување дури и на најситните метеори.

Спојување на Венера и Јуптер – Овие две планети се најсјајните планети на нашето небо. Тие на 26-ти октомври ќе се најдат многу блиску еднА до друга, а тоа најдобро можете да го проследите пред изгрејсонцето, гледајќи го источното небо.

Спојување на Венера, Марс и Јупитер – Како дополнување на претходниот настан, на 28-ми на овие две планети ќе им се придружи и Марс, притоа создавајќи планетарен триаголник. Најдоброто време за набљудување е исто така пред изгрејсонцето, гледајќи во источното небо.

Ноември

Дожд од метеори „Taurids“ – Овој настан трае екстремно долго, започнувајќи од 7-ми септември, па сè до 10-ти декември. Тој не е многу забележлив, па токму затоа за време на својот најголем интензитет на 5-ти ноември, ќе се одликува со само 5-10 метеори на час. Неговата сјајност дополнително ќе биде отежната од Месечината.

Дожд од метеори „Leonids“– Леонидите траат од 6-ти до 30-ти ноември, со најголем интензитет на 17-ти кога во утринските часови ќе бидат видливи околу 15-тина метеори во текот на еден час. Најдоброто време за набљудување е веднаш по полноќ, по заоѓањето на Месечината. Во 2001 година Леонидите направија спектакуларно шоу на небото, со илјадници метеори на час, но следниот ваков интензивен настан би требало да се случи повторно во 2034 година.

Декември

Спојување на Месечината и Венера – Нашата Месечина и Венера ќе изгледаат скоро како да се допрени вечерта на 7-ми декември. Набљудувајте го источното небо, пред изгрејсонце…

Дожд од метеори „Geminids“ – Геминидите се едни од најомилените дождови од метеори на љубителите на ноќното небо. Тие се видливи од 7-ми до 17-ти декември, но нивниот највисок интензитет ќе биде вечерта на 13-ти и раните утрински часови на 14-ти со околу 120 метеори на час. Метеорите ќе изгледаат во различни бои, па токму тоа ќе биде дополнителен бонус за овој прекрасен небесен спектакл. Најдоброто време за набљудување е по полноќ, веднаш по заоѓањето на Месечината.

Дожд од метеори „Ursids“ – Последниот дожд од метеори за оваа година трае од 17-ти до 25-ти декември, со најголем интензитет на 22-ри (10-тина метеори на час). За жал, Месечината ќе ги скрие сите оние метеори кои не се доволно сјајни…

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар