Водич за декодирање на машкиот говор на телото за оние девојки кои претерано анализираат сè
Колку пати ви се случило дури и најнезабележливото однесување на вашиот партнер, како погледнување на друга страна додека ви зборува, да го претворите во очигледен знак дека нешто не е во ред помеѓу вас? Сигурно помислувате дека ве лаже или пак, дека крие толку голема тајна што едноставно не може ни да ве погледне во очи. Ако се пронајдовте во оваа ситуација, тогаш ѕирнете го овој водич кој ќе ви помогне многу полесно да го декодирате неговото чудно и едвај забележливо однесување.
1. Стои со вкрстени раце
Доколку тој стои со вкрстени раце пред неговите гради, постојат големи шанси дека се чувствува несигурен. Со оваа положба на рацете, тој физички се обидува да си го заштити срцето.
2. Стои со колковите кон вас
Ако мажот со кој зборувате стои пред вас, со колковите исфрлени нанапред, тој се чувствува самоуверено и секси!
3. Се навалува кон вас кога ви зборува
Во неговата глава тој сè уште е на работа. Со ова движење сака да ви каже дека ве гледа како негова асистентка која во секое време треба да биде спремна да му помогне. Најдоброто нешто што можете да го направите во овој момент е да му донесете парче хартија – тој ќе биде пресреќен затоа што знаете за што размислува.
4. Ги чува рацете во неговите џебови
Доколку вашиот партнер ги држи рацете во џеб, тогаш дефинитивно крие тајна и најверојатно се работи за нешто ужасно. Во поголемиот дел од ситуациите тоа значи дека носи човечка маска, но всушност е јарец што зборува. Имајќи го тоа на ум, повеќето јарци што зборуваат се многу фини, така што немојте одма да го отпишете од вашиот живот.
5. Повремено го допира лицето
Ако го забележите ова однесување додека е со вас, особено ако е нервозен, тогаш сè што треба да направите е да го допрете неговиот нос и да извикате „БИП“. Насмевката е гарантирана!
6. Си игра со својот часовник
Ако вашиот партнер си игра со часовникот, постојано погледнувајќи го, потајно се надева дека ќе му помогнете да направи временска машина со цел да се врати назад во минатото и да се погрижи дека никогаш нема да измислат сина M&M бонбона. Од друга страна пак, може и само проверува колку е часот, но шансите за тоа се многу мали.
7. Се проѕева
И покрај тоа што ви изгледа како тој да е премногу уморен, реалноста е дека се преправа дека е златна рипка и индиректно ви кажува дека сака да фрлите исушени црвчиња кон него.
8. Ги вкрстува нозете
Ако вашиот партнер покрај вас седи во позиција каде што неговите нозе се вкрстени, тогаш е загрижен дека постојат реални шанси да го удрите во неговата интимна област. Погрижете се да му дадете до знаење дека тоа воопшто не е вашата намера, иако во иднина би можела да се промени…