Во која држава е најопасно да се биде жена?
Според истражувањето од фондацијата Thomson Reuters, Индија е најопасната држава за жените. Извештајот е направен според истражување од 550 експерти во врска со сексуално насилство врз жените, трговија со луѓе, присилена работа, присилен брак и сексуално робје.
Истражувањето било спроведено помеѓу март и мај со експерти од Европа, Африка, Америка, Југоисточна Азија, Јужна Азија и Пацификот. Истражувачите биле академици, медицински лица, членови на невладини организации и социјални коментатори.
Индија се рангирала како најопасна држава не само според горенаведените фактори, туку и поради културните и традиционалните обичаи како напад со киселина, осакатување на женски гениталии, физичка злоупотреба и детски брак.
Податоците од владата покажуваат дека криминалот против жените пораснал за 83% помеѓу 2007-ма и 2016-та година. Секој час се пријавуваат 4 случаи на силување.
Државата неколку пати се најде на насловните страни поради големиот број сексуални напади врз жените. Порано оваа година, 8 мажи беа обвинети за групно силување на 8-годишно девојче. Во април 7-годишно девојче било силувано и убиено на венчавка. Илјадници луѓе се кренале на протест по смртта на 16-годишно девојче кое било силувано и запалено живо во нејзиниот дом. Пратеникот Манјунта Гангадхара изјавил:
„Индија покажа невидено непочитување кон жените… Силувањата, силувањата во брак, сексуалните напади и вознемирувања не се намалуваат. Најрастечката економија во светот и лидерот за вселена и технологија е засрамувана поради насилство против жените.“
Во првите 10 се нашла и Америка. Овој податок ги изненадил експертите. Движењата #MeToo и Time’s Up против сексуалното вознемирување ја ставија единствената држава од западот на листата. Оваа година дузина актерки раскажаа за нивните вознемирувања од страна на големите имиња во Холивуд.
Ова се 10-те држави во кои е најопасно да бидете жена:
1. Индија
2. Авганистан
3. Сирија
4. Сомалија
5. Саудиска Арабија
6. Пакистан
7. Демократска република Конго
8. Јемен
9. Нигерија
10. Америка
Дознајте и што им било забранувано на жените во изминативе 100 години.