Вистинските причини за потонувањето на Титаник
Многу години подоцна, луѓето сѐ уште се опседнати со еден од најголемите бродоломи во историјата. Титаник важел за најголемиот брод опремен со најсовремената технологија од тоа време. Па, како еден обичен леден брег успеал да го предизвика падот на овој океански гигант? Најновите докази откриваат дека покрај парчето мраз постоеле и неколку други фактори кои придонеле за катастрофата. Дознајте за што станува збор…
Пожар во машинското одделение
Британскиот новинар Сенан Молони ја истражувал историјата на Титаник цели 30 години. По деталната анализа на фотографиите што биле направени пред поаѓањето на бродот, тој претпоставил дека причината за потонувањето е пожарот кој избил во резервоарот за гориво.
Пожарот избил пред да заплови бродот, а екипажот правел безуспешни обиди да се одржи структурата на бродот со недели. Новинарот дознал дека сопствениците на бродот знаеле за пожарот и се обиделе да го скријат тој податок од патниците со тоа што го свртеле бродот од другата страна на брегот во Саутхемптон за дамките од огнот да не бидат забележливи.
Средишниот дел на бродот се загреал и достигнал температура од 1.000 степени Целзиусови на тоа место. Кога Титаник удрил во ледениот брег, челикот почнал да се распаѓа и се создал огромен отвор во средината. Експертите потврдуваат дека цврстината на челикот може да се намали и до 75% на толку висока температура.
Двогледот бил заклучен во шкаф, а клучот останал на брегот
Токму пред поаѓање, менаџерите на компанијата за бродови „White Star Lines“ одлучиле да го заменат моменталниот капетан со Хенри Вајлд кој имал искуство со големи патнички бродови. Меѓутоа, Дејвид Блер, претходниот капетан, заборавил да му ги даде на Вајлд клучевите од кутијата каде што се наоѓал двогледот. Секако дека Титаник имал свои опсерватори, но без двоглед тие морале да се потпрат само на сопствените очи. Па така, кога го забележале ледениот брег, веќе било предоцна. Јавноста дознала дека двогледот бил заклучен дури 95 години подоцна кога клучот бил ставен на аукција.
Уште неколку други фактори кои можеби довеле до големата трагедија
- Немало месечина која би можела да го осветли ледениот брег. На тој начин опсерваторите ќе можеле да го забележат порано. Освен тоа, ѕвездите блескале толку силно што навистина било тешко да се распознае морето од небото. Не можеле убаво да ја дефинираат линијата на хоризонтот, а тоа уште повеќе ја отежнало можноста да се забележи опасноста. Не заборавајте дека набљудувачите немале двоглед!
- И покрај предупредувањата на другите бродови, Титаник не го забавил движењето во ледената зона. Ако бродот пловел малку побавно, ќе можел да го избегне катастрофалниот леден брег.
- Еден од набљудувачите предупредил дека на десниот бок на бродот му се заканува опасност, но не можело да се преземат никакви мерки. Експертите исто така заклучиле дека офицерот почекал 30 секунди пред да даде наредба за промена на курсот, а тоа дополнително придонело за катастрофалниот бродолом. Имено, Титаник пак ќе удрел во ледениот брег, но само предниот дел ќе бил сериозно оштетен и бродот ќе можел да остане на површината на водата.
Доколку сакате да дознаете повеќе за работите што се случувале на бродот, прочитајте ја и вистинската љубовна приказна од Титаник која е многу поромантична од онаа на Џек и Роуз.