Вистински приказни за добрината, љубовта и семејните вредности кои ќе ви ја вратат вербата во човештвото
Понекогаш забораваме да им обрнеме внимание на прекрасните нешта што ни се случуваат секој ден. Станува збор за некои мали гестови кои служат за да нѐ потсетат дека и покрај сите неправди што се случуваат во светот, сепак основните човечки вредности не се изгубени засекогаш. Прочитајте ги овие вистински инспиративни приказни што откриваат кои работи ги прават обичните луѓе среќни…
Добрина
„Пред многу години кога бев тинејџерка и немавме многу пари, мојата постара сосетка ми даваше облека и накит што таа ги носела во нејзината младост. Работите што ми ги даваше беа многу добро сочувани, но секако дека беа по малку старомодни. По некое време почнав да забележувам дека и други девојчиња носеа слични работи. Тогаш сфатив дека сосетката купувала нови работи и се преправала дека тие се всушност нејзини. Сето тоа го правеше поради нејзиното верување дека многу е важно да се изгледа убаво на млади години.“
„Имам сосед кој живее сам. Секогаш го гледам како ги храни околните мачки, кучиња и гулаби. Еден ден, си дојдов дома со мојот 5-годишен син и соседот извика ’Еј, види ме! Како Снежана сум!’. Погледнав и сфатив на што мислеше. Само што излезе од неговата куќа, сите животни потрчаа накај него за да го поздрават.“
„Доживеав сообраќајна несреќа и ја изгубив способноста за говор. Сега, насекаде си носам тетратка и пенкало за да можам да комуницирам. Кога сѐ уште бев во болница, мојот најдобар пријател од детството разговараше на секакви теми со мене. Секогаш трпеливо чекаше да го напишам мојот одговор и тогаш или се согласуваше или не се согласуваше со мене. Ваквите гестови ве потсетуваат дека треба да ги цените пријателите и она што го имате.“
Љубов
„Пред многу години, чекав на ред во продавница со мојата 3-годишна ќерка. Беше зима и таа беше целата завиткана во топло палто, капа и чизми. Имаше прекрасни крупни очи и нејзините образи беа зацрвенети од ладното. Го слушнав гласот на едно мало момче, кое имаше околу 5 години. Тој извика: ’Погледни мамо колку е убава! Еден ден ќе бидеме пријатели!’ Се насмевнав на мајката на момчето и нашите деца се запознаа. Потоа пораснаа, а сега ја планираат нивната венчавка.“
Незгоди
„Не сум многу ниска, но моето момче е речиси 2 метра високо. Еднаш се шетавме заедно околу факултетот. Група од мои колеги поминуваа и баш тогаш се сопнав и паднав. Кога паднав, еден куп ситни пари ми се истурија од џебовите. Наместо да ми помогне, дечко ми уште повеќе ја влоши ситуацијата со тоа што кажа ’Отсекогаш знаев дека си леприкон!’.“
„Еднаш, ми беше многу здодевно додека се возев во автобус. Се сетив на една игра што ја игравме со другарите. Го фокусирав погледот на една девојка која седеше во близина и ја зјапав долго време. Потоа го извадив телефонот и гласно кажав ’Шефе, ја најдов вистинската’. Без да трепне, таа го извади нејзиниот телефон и кажа ’Ме фатија! Барам евакуација.’ Цел автобус прсна од смеење.“
„Се враќав дома од работа, уморна, гладна и одеднаш почна да истура. Облеката ми беше мокра, фустанот стана речиси проѕирен,а шминката целата ми беше растечена. Сите случајни минувачи ме гледаа и тоа уште повеќе ме нервираше. Што гледаа? Никогаш не виделе наврнат човек? Кога стигнав дома, одеднаш сфатив дека цело време сум одела со чадор во раката.“
Семејство
„Сопствениците на локалната сала за вежбање не можат да поверуваат како успевам да доаѓам шест пати неделно. Тренерите се чудат како секој ден успевам да правам различни вежби. Во меѓувреме, јас и брат ми одиме во салата за вежбање три пати неделно со една членска картичка.“
„Смислив една нова домашна традиција: 5 минути нежност. Сѐ што треба да направам е да кажам: ’Време е за нашите 5 минути нежност’ и сопругот и синот престануваат со секаква работа и трчаат да ме прегрнат заедно со нашата мачка.“
„Обожавам да пеам под туш, но само кога моите родители не се дома, затоа што имам ужасен глас. Еднаш излегов од бањата и ги видов мајка ми, татко ми и сестра ми седнати на столчиња во ходникот. Почнаа да ми ракоплескаат. Татко ми дури успеал да купи и вештачки букет за да ми го даде на крајот од ’концертот’.“
„На ќерка ми мораше да ѝ ја ампутираат ногата до коленото. Јас и сопругот секогаш се обидуваме да го разведриме тој немил настан и се шегуваме во врска со тоа. Еднаш бевме на плажа и сопругот ја однесе ќеркичката до водата и почна да вика дека ајкула ѝ ја откинала ногата. Друг пат, кога нејзините соученици ја прашаа за нејзината нога, таа им кажа дека била во војска и стапнала на нагазна мина. Многу сме среќни што ќерка ни има одлична смисла за хумор!“
Детство
„Кога бев дете, бевме многу сиромашни. Моите родители немаа многу пари и не можеа да си дозволат да ме носат на фризер. За таа задача беше задолжен татко ми. На училиште многу се срамев поради тоа, но сега сфаќам дека немало зошто. Нема многу ќерки што можат да се пофалат дека татко им знае да шие, да прави фризури, да нанесува шминка, да поправа работи и да готви. Навистина сум горда на него!“
„Кога имав 5 години, а брат ми имаше 8, родителите често нѐ оставаа сами дома затоа што мораа да одат на работа. Не ни даваа пари и немаше слатки и чоколади по дома. Но, ние бевме деца и моравме да најдеме некаков извор на шеќер. Па така, брат ми ќе ја земеше книгата за готвење на мајка ми, ќе побаравме некој едноставен рецепт и потоа одевме кај сите соседи за да ги позајмиме потребните состојки. Потоа самите приготвуваме некој десерт. По готвењето, одевме кај сите соседи од куќа до куќа за да го поделиме приготвеното јадење.“