Вистинска приказна: Уличен стаорец им ја спасил врската
Колку една сосема случајна ситуација може целосно да ни го промени животниот тек? Дали може едно мало животно да нè научи на љубов, грижа и заштита? Дали секој кој влегува во нашите животни, без разлика од каков вид е, се појавува со причина, ни носи некаква порака, остава нешто зад себе? Ова е една навидум необична, но фасцинантна приказна за млад пар чија врска и иден брак се спасени благодарение на уличен стаорец.
Замислете си како еден ден, сосема случајно на улица налетувате на малечок стаорец, слеп и мокар, кој не изгледа дека би ја преживеал ноќта. Би го оставиле ли зад себе? Како и да е, тоа не го направил младиот пар од Хонг Конг. Момчето и девојката го понеле во нивниот стан и го ставиле во малечка сина кутија од Тифани, од каде е инспирирано неговото име, г. Тифани, или накратко г. Т. Знаејќи дека мала е веројатноста стаорецот да преживее, Александра се сокрила во спалната соба, не сакајќи да биде во близина кога ќе се случи смртта на тоа малечко суштество. Нејзиниот свршеник, Колин, останал да го лекува г. Т цела ноќ, и на големо изненадување, тој преживеал.
Господин Т во нивниот живот влегол во време на, како што велат тие самите, транзиција. Свадбата на Александра и Колин требало да се случи за три месеци, но притисокот бил преголем. Напорно работејќи седум дена во неделата, некогаш и во ноќните часови, Александра немала слободно време за посветување на многу работи. Дури и поседувањето заеднички мебел ја препашувало и ѝ се чинело како голема и сериозна обврска. „Со Колин планиравме да имаме деца, но со моето работно време, некогаш не стигнував ни да вечерам. Преземањето обврска да се грижиме за болен уличен стаорец, воопшто не ни беше во план.“ Иако за многумина стаорецот би бил симбол на болест, зараза и нешто морничаво, Александра и Колин во него виделе млад и ранлив живот на една кутра душичка која бара грижа и заштита.
„Се договоривме дека ќе го пуштиме назад на улица штом закрепне. Како диво животно, си рековме, би требало да живее со припадниците на неговиот вид. И секако, се плашевме од болестите кои стаорците ги носат. Во тоа време бегав од него како од чума. И покрај тоа што тој доби сила и закрепна сосема во наредните неколку недели, ние просто не можевме да се откажеме од него.“ Таа објаснува како се приврзале за г. Т уште од моментот кога тој за првпат ги отворил своите малечки очиња во рацете на Колин.
Во наредниот период, господин Т почнал да се чувствува како дома. Ја уништувал поштата која пристигнувала, грицкал пенкала и сам си се послужувал со парчиња пица кои ги носел под креветот, секако грицкајќи делови и од самиот кревет. Звучи како вистинска напаст? За среќа, бил премногу сладок за да помислат дека би требало да се ослободат од него во најскоро време. „Се консултиравме со професор од Оксфорд и тој ни кажа дека доколку се врати назад на улица, тој за неколку часа, без проблем, би се прилагодил на ситуацијата и повторно би станал уличен стаорец. Но нешто не ни даваше да се откажеме од него.“
Г. Т целосно им ги променил животите и на двајцата. Кај девојката се пробудил мајчинскиот инстинкт, па за брзо почнала да се грижи за секоја ситница поврзана со него. Колин му направил куќичка, а кога сфатил дека му е потребна приватност, му поставил и малечка врата. За брзо се навикнале на неговото присуство. Знаеле кои јадења му се допаѓаат на г. Т, а кои не ги сака. Не патувале заедно за едниот да се грижи за малото суштество, а кога морале и двајцата да бидат отсутни, плаќале човек кој ќе се грижи за домот и за г. Т. „На забавите и средбите со нашите пријатели, им ги раскажувавме триковите на Т и најновите случки поврзани со него. На Фејсбук објавив слики од г. Т додека јаде грашок со неговите малечки шепи прелиени во сос од домати.“
По одредено време ни стана јасно колку е краток животот на стаорците. Уличните стаорци едвај преживуваат една година. Откако наполнил две години, Т почнал да чувствува многу поголема потреба за сон, а не поминало долго пред да заболи од тумор, голем колку неговата глава. Туморот на г. Т бил отстранет, но наскоро почнал да покажува знаци на повреда во `рбетот и му се парализирале задните нозе. Но, тој не се предавал и продолжил да се движи влечејќи ги двете предни ножиња. Кога г. Т почнал да се бори за да земе воздух, им станало јасно дека му нема спас. Тој го вдишал својот последен здив во рацете на Колин. Во нивната дневна соба, останала сликата на г. Т, но неговото присуство во нивниот дом и понатаму премногу им недостасувало.
Сепак не останале долго сами, бидејќи за кратко после смртта на г. Т, станале родители на момче кое го крстиле Луис Т. „Пред неколку години не можевме да издвоиме еден час слободно време во текот на денот. Но, г. Т промени сè. Тој нè научи како да направиме простор за новости и промени во иднината, да бидеме погрижливи, трпеливи и внимателни. Ако беше куче или маче, ќе го дадевме во засолниште за животни и немаше да можеме да раскажеме една ваква приказна. Знаејќи дека никој нема да го прифати, го зедовме во нашиот дом за да направи вистинска промена во нашите животи.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.