Видови интелигенција: Која е вашиот адут?

Видови интелигенција: Која е вашиот адут?

Интелигенцијата по дефиниција е способност за снаоѓање во новонастанати ситуации. Самиот збор потекнува од латинскиот inteligere што да значи да се разбере, да се сфати. Но, во реалноста, не може едноставно да се одреди која личност е поинтелигентна од друга. Вообичаено се користи IQ број кој одредува колку една личност е интелигентна, односно колку е снаодлива во некои ситуации, но самата бројка не е доволна за успех во животот.

vidovi-inteligencija-koja-e-vashiot-adut-kafepauza.mk

На тоа влијаат фактори како околината, карактерот и мотивацијата на личноста. Токму поради ова, американскиот професор по психологија Хауард Гарднер, наведува 9 видови интелигенција. За самите IQ тестови тој вели дека покриваат само два вида: лингвистичката и логичко-математичката.

За да го прошириме знаењето за интелигенцијата, ги наведуваме сите способности кои ја опишуваат:
  • Брзина на адаптација при постоечки и новонастанати услови
  • Брзина и леснотија при учење
  • Апстрактно мислење
  • Брзина на перцепција на зададен проблем
  • Сфаќање на математички проблеми
  • Способност за користење на зборови при говор и пишување, разбирање на идеи
  • Општа способност на личноста вклучувајќи ефикасна примена на сите горенаведени способности

1. Лингвистичка (јазична, вербална) интелигенција

Лингвистичката интелигенција подразбира нагласен интерес за зборовите и начинот на кој зборовите се користат при читањето, пишувањето и говорот. Таа исто така вклучува уживање во игри со зборови, странски јазици, раскажување приказни, креативно пишување и читање. Лицата кои имаат развиена лингвистичка интелигенција сакаат да читаат книги, стрипови, весници, да пишуваат песни и приказни, воглавно немаат проблеми со јавни настапи и говорење, добри комуникатори се и сл.

2. Музичка интелигенција

Личностите кои го имаат развиено овој вид интелигенција, освен што сакаат и уживаат во музиката, подобро ги разбираат ритамот, мелодијата и звучните мотиви, лесно паметат мелодии и чувствуваат разлика помеѓу различните инструменти кои свират во исто време. Исто така, уживаат во активности како што се пеење, свирење на некој инструмент, слушање музика и посетување концерти.

3. Логичко-математичка интелигенција

Овој вид интелигенција подразбира лесно разбирање и примена на броеви и математички поими, пронаоѓање шаблони и лесно воочување односи, причини и поседници во науката. Најмногу доаѓа до израз при решавање проблеми и загатки, математички задачи напамет, користење компјутери и учење компјутерски програми и јазици, претставување факти на мапа, како и пронаоѓање на решенија во детективските приказни. Она што ги поврзува сите овие различни активности, а е клучен елемент на оваа интелигенција, е логиката која се користи како средство за решавање проблеми.

4. Просторна или спацијална интелигенција

Она што е својствено за оваа интелигенција е дека во овој случај се работи за размислување во слики. Личностите кои имаат нагласена просторна интелигенција подобро паметат лица одошто имиња, сакаат да ги изразуваат своите идеи преку цртежи и скици, уживаат додека составуваат и расклопуваат предмети, ги забележуваат стилот на облекување, автомобилите и разни други работи од животот, често цртаат и чкрткаат, ги воочуваат облиците на светот околу себе и уживаат во гледањето филмови. Некои луѓе ја изразуваат оваа интелигенција низ активности како што се ликовната уметност, фотографијата, филмот или дизајнот, додека други се занимаваат со архитектура, градежништво, моделирање или инвентивност.

5. Телесно-кинетичка интелигенција

Оваа интелигенција е застапена кај лица кои се изразуваат себеси користејќи го своето тело, што значи дека тие мислат и учат со телото. Станува збор за личности кои сакаат движење и физичка активност, лесно и брзо учат физички вештини, уживаат да учествуваат во скечеви и театарски претстави, успешни спортисти се, вешти се во применета уметност, скулпторство, плетење и шиење, градење модели, имаат добра координација на движеwata, танцуваат елегантно, изведуваат магионичарски трикови и сл.

6. Интерперсонална интелигенција

Оваа интелигенција ја изразува способноста на личноста лесно да запознава луѓе и да склопува пријателства, таа ужива во посматрање и анализирање на луѓето и нивниот говор на телото, во групни активности и живи разговори, добро организира активности за себе и за другите, знае да побудува интерес кај останатите за некоја заедничка работа, се грижи за она што е исправно, а што погрешно, води сметка за чувствата на другите, се грижи за луѓето и пронаоѓа начини како да им помогне бидејќи токму овој вид интелигенција го овозможува разбирањето на другите.

7. Интраперсонална интелигенција

Овој вид интелигенција ја изразува тенденцијата на луѓето да се повеќе ориентирани кон себе, бидејќи добро се познаваат себеси и имаат добра идеја за тоа кои се и што можат. Личностите кај кои е развиена оваа интелигенција се свесни за своите чувства и можат подобро да се разберат себеси одошто би можеле другите. Способни се да зацртуваат одредени цели, размислуваат за своите искуства и учат од нив, поминуваат време длабоко размислувајќи за тоа што им е нив важно и размислуваат за својата иднина. Преферираат активности кои можат да ги изведуваат сами.

8. Натуралистичка (природна) интелигенција

Оваа интелигенција е застапена кај лица кои ја сакаат природата и околината во која живеат, забележувајќи ја природата каде и да се, имаат добро помнење за детали поврзани со местата на кои биле, сакаат животни и растенија и лесно ги препознаваат, имаат способност за разбирање на различни ситуации и се снаоѓаат на различни места, водат сметка за својата природна околина, уживаат во пешачење и кампување во природа, покажуваат интерес за езера, реки, океани, астрономија и сè она што се однесува на природата.

9. Егзистенцијалистичка (духовна) интелигенција

Овој вид вклучува чувствителност и капацитет на личноста да се занимава со длабоки прашања за човековата егзистенција, за значењето на животот, за тоа кои сме ние, како сме настанале и зошто умираме.

Па, која интелигенција доминира кај вас? Дали вашата професија ја користи вашата најзастапена интелигенција? Проверете!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар