Весна Коцевска – инстаграмџика којашто ќе ве однесе на колоритно патување низ убавите места на светот
Нејзиното име е Весна Коцевска, присутна на IG како @whisper.ves, сопруга и мајка на две деца, спремна во секој момент да ги спакува сите набрзина, ако се спомне зборот патување.
Блогерка за која патувањата и семејството се најголема љубов, но и која ќе ве освои со нејзиниот стил и креативност.
Флексибилното работно време ѝ овозможува да биде менаџер на приватна компанија, туристички водич и блогер.
Преку својот блог и Инстаграм профил сака да им ги доближи убавините на познати и
помалку познати дестинации на своите следбеници и да ги инспирира другите повеќе да патуваат, особено родителите со деца.
Проталкајте со поглед низ фотографиите на Весна и таа сигурно ќе ве инспирира да започнете да го планирате вашето следно патување. Во продолжение, нашиот разговор со неа на тема: патувања и Инстаграм.
View this post on Instagram
1. Како изгледа еден твој просечен ден? На кој начин ти поминува времето и како го вклопуваш ажурирањето на твојот Инстаграм профил во дневните обврски?
Станувам рано, се спремам и започнувам со работа. Работното време ми зависи од тоа колку далеку ќе „шетам“ со туристите, но попладнето ми е секогаш резервирано за семејството. По можност го комбинирам и со пријателите. Доколку не сум премногу уморна, денот сакам да го завршам со трчање, барем половина час и релаксирачки туш потоа. Сопругот е одговорен да избере филм кој често знам да го преспијам.
Инстаграм е дел од моето секојдневие, моето утринско кафе кое ме расонува.
Во текот на сезонава не можам да одвојам доволно време за редовно да објавувам, да им посветам доволно внимание на следбениците. Затоа обично самата слика ја спремам од вечер или претходниот ден за да не биде избрзано објавувањето.
Работата како туристички водич вклучува и моменти на чекање, подолго возење или пловење, кога не сум толку активна, кои ги искористувам да сработам нешто на IG. А од друга страна, самата посета на значајни локалитети ми овозможува попатно да направам и фотографии од нив.
View this post on Instagram
2. Како започна да го користиш Инстаграм и какво мислење имаш за влијателноста на социјалните мрежи во Македонија?
Инстаграм на некој начин ми беше замена за FB и го гледав како хоби на почетокот. Отсекогаш сум сакала фотографирање и патувања, а самото тоа што работам како туристички водич ги поврза сите нешта.
Инстаграм ми стана омилена платформа за креативно изразување. Како што почна да расте бројот на следбениците, почнав посериозно да го гледам и како медиум за заработка.
Меѓутоа кај нас (ова можеби често го слушате) сè уште не се гледа толку потенцијалот кој го имаат социјалните мрежи како маркетинг алатка. Поточно, т.н. инфлуенсери или блогери сè уште го немаат местото кое го заслужуваат. А тоа е професија како и секоја друга во која се вложува труд кој треба да биде соодветно платен.
View this post on Instagram
3. Дали имаш омилен Инстаграм профил кој те инспирира? Од каде ги добиваш идеите?
Не можам да издвојам еден или неколку. Има повеќе Инстаграм профили, наши и странски, кои редовно ги отворам. Мило ми е што откривам сè повеќе македонски профили со повисок квалитет и имаат што да понудат.
Мене лично најголема инспирација ми се самите патувања. Независно дали е некое прекуокеанско патување, викенд во соседите земји или еднодневна посета на некое место во нашата земја. Во денешно време можеби е тешко да се биде оригинален, но секој може да биде свој и на свој начин да ги пренесува нештата.
View this post on Instagram
4. Неуморно патуваш и споделуваш слики од прекрасни дестинации. Која локација ти има оставено најсилен впечаток, а која посакуваш да ја посетиш во иднина?
Од местата кои сум ги посетила досега морам да кажам дека позитивно ме изненадија и воедно воодушевија Јужна Каролина и Џорџија, САД, со неверојатно убава природа, тропска клима, архитектура и историја. Секогаш кога ќе се спомнеше САД ме асоцирало на понова историја, нови и модерни градови со современа архитектура, меѓутоа, ова патување во јануари оваа година целосно ми го промени мислењето.
А во иднина, покрај многубројните дестинации кои сакам да ги посетам и ме воодушевуваат, е Петра во Јордан. За овој тип дестинации најверојатно ќе причекаме уште некоја година децата да се поголемки, за да можат и тие да го паметат патувањето.
View this post on Instagram
5. Се занимаваш и со блогирање. Што би им препорачала на оние кои размислуваат да започнат со оваа активност и што сѐ треба да се поседува за успешно да се води еден блог?
Прво и најважно – да знаат која им е целта и да пишуваат за она што го сакаат, да веруваат во себе и да го изнесат својот став. Трудот и упорноста никогаш не останале ненаградени. На мојот блог, whisper, во менито има Blogging Tips каде давам повеќе совети за новите блогери или тие што сакаат да започнат со блогирање.
Исто така на своја кожа сум осетила колку е важна меѓусебната соработка и поддршка со колегите блогери. Затоа стојам на располагање на секого кому му е потребна помош или совет, секако колку што ми дозволува времето.
View this post on Instagram
6. Кој вообичаено е зад објективот кога ти си во центарот на некоја атрактивна околина?
Во текот на патувањата тоа е најчесто сопругот или кој ќе има „среќа“ да го малтретирам. Во други околности другарка ми Ленче. А кога и овие личности се во кадар тајмерот ја завршува работата, што често излегува да биде најзабавната варијанта.
View this post on Instagram
7. Природата, се чини, е заштитен знак на твоите фотографии. Дали природните убавини мора да се обработат пред да се споделат со следбениците?
Најдобриот дел кај природата е што е убава и совршена сама по себе. Реално забавно ми е да ги едитирам сликите, а најмалку го правам тоа со сликите во природа. Доколку нешто менувам тоа би биле мали прилагодувања на светло, сенки, бои, да отстранам некој предмет и сл. Тоа ми се најомилените слики, иако е тешко она што го гледаме пред нас целосно да се пренесе преку објективот. Но, затоа описот под самата слика може дополнително да го долови тоа што го чувствувам.
Интервју: Ана Ќурчиевска