Вештачката интелигенција го „оживеа“ Салвадор Дали
Од музејот „Салвадор Дали“ во американскиот град Санкт Петербург, изјавиле дека нивните посетители ќе имаат нов специјален водич – уметникот Салвадор Дали. Односно, новиот водич ќе биде негова копија направена со помош на вештачка интелигенција.
Тимот од компанијата Goodby Silverstein & Partners направил копија на славниот уметник користејќи негови снимки. На овој начин ја тренирале машината да ги имитира неговите мимики и изрази на лицето. Потоа таа слика ја ставиле на глумец со сличен изглед како уметникот и успешно го оживеале Дали 30 години по неговата смрт.
Најверојатно виртуелниот Дали ќе одговара на основни прашања за него, но ќе ги коментира и настаните што се случиле по неговата смрт во 1989-та година. Идејата е целото ова искуство да биде „едукативно и надреално“, исто како и делото на Дали.
Во видеата во кои Дали го најавува неговото враќање, тој разговара и за неговиот близок однос со смртта, но истакнува и дека никогаш не поверувал во својата смрт.
Некои луѓе сметале дека проектот е малку морбиден, но музејот нагласил дека вештачката интелигенција е во согласност со ликот на Дали. Извршниот директор Ханк Хине изјавил дека Дали бил заинтересиран за медиумите и имал изразено чувство за неговата важност, па не би било тешко да се замисли како ужива додека се гледа во дигитална форма.