Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа - Part 3

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Нена Минчев – Автор и продуцент на детскиот серијал Нена Шема и Роботко

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Нена Минчев е вистинска визионерка со многу интересна идеја. Таа го согледала недостатокот на образовни програми за деца на нашите телевизиски канали и решила да преземе нешто во врска со тоа. Па така, ја започнала приказната наречена Нена Шема и Роботко. Нена ќе ви објасни како од идеја преминала во реализација.

Моментот кога се чувствувала „заглавено“…

Нена многу добро разбира како ви е кога не ви се оди на работа, бидејќи и нејзините утра почнувале со мачни расонувања.

„’Заглавеноста’ на работното место го поистоветував со механички поминати часови и одбројувања на последните минути, часови исполнети со стрес, нервоза, анксиозност. Поради таа ’заглавеност’ на работното место, јас многупати бев заглавена и дома. Работата и случувањата си ги носев по дома и реално не знаев како да се справам со нив. Јас бев добра во извршувањето на работните задачи, но едноставно не пронаоѓав задоволство и професијата не ме правеше доволно среќна.“

Моментот кога открила кој е нејзиниот сон…

Нена многу брзо сфатила дека добрата работна позиција, плата и работни услови воопшто не вредат доколку човек не е среќен и исполнет на работното место.

„Сé се случи кога на последното работно место западнав во една ’вегетативна’ состојба и тага. Почнав да размислувам дали ова е тоа што треба да го работам, дали ова се моите крајни капацитети, дали универзумот ја има оваа слика за мене или пак има нешто друго? Дадов отказ од работното место со голема поддршка од мојот сопруг кој воедно ме охрабри да си го пронајдам патот и да си ги остварам соништата. Следеше еден подолг период, процес на самопронаоѓање, на самоанализирање, на надминување на стравовите и тагите. Освен тоа, разговарав со луѓе кои успеале да си го пронајдат своето ’јас’ и ги следев своите емоции од кои произлезе мојата визија!“

Пресудниот момент што ја поттикнал на акција…

Нена неколку години размислувала да направи детска серија, но ѝ требало конкретен поттик за да почне со реализација на нејзината идеја.

„Еден мој пријател најискрено ме праша што сакам да правам и што ми лежи на срце. ’Детска серија’, му одговорив без трепкање и размислување што веднаш ме натера да седнам и да почнам да работам на остварувањето. Главниот поттик отсекогаш беше и љубовта кон глумата, но и креативниот, едукативниот и детскиот аспект на сериите и емисиите. Понекогаш кога работам или размислувам за својот проект, се присетувам на минатото кога имаше исклучително квалитетни детски серии и емисии кои со нетрпение ги чекав за да ги следам. Сакам да направам детски серијал кој ќе остави белег исто како што на мене ми оставиле белег детските програми од минатото. И првенствено, сакам ќерка ми со нетрпение да чека серија или емисија, исто како што сум се чувствувала јас на нејзина возраст.“

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Моментот кога помислила да се откаже од нејзиниот подвиг…

Во денешното општество, не се смета за „нормално“ кога некој ќе даде отказ за да си го исполни сонот. Нена води невладина организација, но веќе 1 година е невработена за да може целосно да се фокусира на Нена Шема и Роботко. Таа морала да го жртвува својот финансиски статус и да излезе од удобната зона. Иако работи, но не заработува, Нена верува во нејзиниот проект.

„На моја голема благодарност запознав неверојатни луѓе кои го видоа потенцијалот на овој проект и ме поддржаа во неговото остварување. Секогаш има препреки на патот, но тие може да се надминат. Неодамна имав еден кризен период. Сепак сум човек со емоции и чувства. Се чувствував доста гневно, исплашено и збунето, но во ниеден момент не помислив да се откажам и да се вратам на стариот живот. Сите тие емоции ги согледав и ги склопив во поголема мотивација за успех. Дојдов до степен каде што си реков дека никогаш нема да се откажам и да се вратам на старите работи и навики кои воопшто не ми одговараа.“

Порака до луѓето кои имаат идеја, но не знаат како да ја реализираат…

Нена морала да се изгуби на работното место за го пронајде своето вистинско „јас“ и многу е благодарна поради тоа! Таа целосно го променила начинот на живот. Почнала да оди на часови по глума каде што се ослободила од стравот и гневот, почнала да медитира, да вежба јога неколку пати неделно, да спортува и да се храни здраво. Нена верува дека сите можат да го направат истото доколку посакаат.

„На луѓето кои имаат визија и идеја, а не знаат од каде да почнат, им порачувам прво да си ги постават прашањата што јас себеси си ги поставив и најискрено да си ги одговорат. За да направат промена, најпрво мора да си ги сменат сопствените уверувања. Јас, лично, почнав секојдневно да искажувам афирмации и благодарност. Следам мотивациски говорници. Читам книги и статии за успешни луѓе како и за моќта на позитивната мисла. Сето ова мене ми помага да воспоставам баланс, да ги наминам сите стравови, сите негативни опкружувања и сите притисоци, сѐ со цел да се реализирам како успешна креаторка и продуцентка на детскиот серијал Нена Шема и Роботко.“

Соништата можат да станат реалност, само треба да соберете доволно храброст за да излезете од удобната зона која ви дава сигурност, но не и возбуда и среќа. Немојте да потонете во секојдневната монотонија! Дозволете му на вашиот потенцијал да исплива на површина. Овие 3 успешни приказни нека ви послужат како доказ дека вреди да се ризикува кога се работи за толку голема добивка. Не плашете се да станете бестрашни визионери и направете го првиот чекор кон остварувањето на вашите најлуди замисли и идеи!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар