Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа - Part 2

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Милош Б. Андоновски – Основач на Театар за сите

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Фото: Иван Момировски

Милош Б. Андоновски е театарски режисер и педагог кој пред околу година и пол го основа училиштето-идеја Театар за сите, чија цел е да им ја доближи театарската уметност на сите нејзини љубители и истовремено да ги запознае со придобивките од театарските вежби и игри како алатки за личен развој, но и да создаде нов бран на образована театарска публика. Доколку и вие сакате да се пронајдете во театар, уписите се во тек и часовите почнуваат од февруари, така што побрзајте и посетете ја Фејсбук страната на Театар за сите за подетални информации. Часовите по театар звучат одлично, но ништо од ова немало да се случи доколку Милош не собрал храброст да преземе огромен ризик за да го претвори својот сон во реалност.

Моментот кога се чувствувал „заглавено“…

Милош пред извесно време работел како професор во приватно средно училиште, но по неколку години сфатил дека тоа не го исполнува доволно. Иако учителството како професија отсекогаш го привлекувало, тоа не било доволно за да биде среќен.

„Даскалството и пред да ми се случи беше нешто кое го посакував. Но, откако вистински почнав да подучувам, со текот на годините сфатив дека форматот на работното место не е за мене и дека тоа е нешто што би сакал да го работам само попатно. Имаше и други причини поради кои си заминав. Мислам дека повеќето мои ученици, меѓу редови, ги сфатија и ме поддржаа – тоа многу ми значеше. Ми недостигаат и ги сакам.“

Моментот кога открил кој е неговиот сон…

Не можете да се одлучите за еден единствен сон? Според Милош, дозволено ви е да имате повеќе соништа одеднаш, особено ако сте талентирани за повеќе работи.

„Често ми се случува да уживам во правење/работење повеќе нешта истовремено. Така сфаќам дека имам повеќе соништа, а не само еден. Не можам да правам претстави секој ден, па затоа од претстава до претстава сакам да работам и други нешта: да држам часови, да организирам настани…“

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Фото: Ирена Мила

Пресудниот момент што го поттикнал на акција…

Што треба да ви се случи за да го преземете првиот чекор? Понекогаш, монотонијата и потребата за нешто ново се доволни за да ви го дадат потребниот поттик.

„Се сертифицирав за обучувач/тренер за возрасни и немав идеја на кој начин да ги искористам новите квалификации. Присуствував на еден настан за генерирање на бизнис идеи и идејата за ’Театар за сите’ се изгенерира, самата од себе“, открива Милош.

Прекрасно е кога ќе добиете идеја во која верувате, но веројатно претпоставувате дека потребно е да се направат некои жртви за да се стигне до посакуваната цел. За Милош, овие жртви не биле ништо во споредба со она што го добил од Театар за сите.

„Не можам да кажам дека сум жртвувал нешто зашто часовите ги водам и осмислувам со љубов. Единствено првата година испуштив многу претстави и културни настани, но запознав прекрасни луѓе со прекрасни приказни, а богами и стекнав пријатели за цел живот!“

Моментот кога помислил да се откаже од неговиот подвиг…

Ниту еден пат до успехот не е лесен, па така и Милош се соочил со некои проблеми во текот на работата, но не дозволил тоа го спречи во остварувањето на целта. Напротив! Тој успеал да го извлече најдоброто од целата ситуација.

„Веднаш по завршувањето на првиот 4-месечен циклус на часови, не можевме да го користиме просторот во кој работевме. Информацијата стигна недела дена пред да почнат часовите за новите групи, но да не се случеше тоа немаше ни да му се случи Јавна соба на Театар за сите. Јавна соба е нашето креативно и гастрономско прибежиште.“

Порака до луѓето кои имаат идеја, но не знаат како да ја реализираат…

Мудроста на нашите учители и професори е бесцената. Па така, Милош како инспирација ги користи зборовите на неговиот професор по режија.

„Професорот по режија еднаш ми кажа дека ако не сум подготвен на неуспех, тогаш не сум подготвен ни на успех.“

Преминете на третата страница за да ја прочитате последната приказна што ќе ве мотивира да ги следите вашите соништа…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар