Уечи рју – самоодбрана со спој на мудрост, сила и дисциплина

Тренирајте Уечи рју – самоодбрана со спој на мудрост, сила и дисциплина

Уечи рју е традиционален карате-стил што потекнува од Окинава. Во превод, името на вештината значи „школата на Уечи“, додека оригинално овој стил бил нарекуван Пангаи-нун. Името го добива од основачот Канбун Уечи, кој од Окинава заминал во провинцијата Фуџијан во Кина, за да изучува боречки вештини и традиционална кинеска медицина. Корените на Уечи рју потекнуваат од манастирот Шаолин, каде се изучувала вештината Шаолин Кунг-фу. Од овој манастир потекнува и учителот на Канбун Уечи, Шу Ши ва. Неговиот син, Канеи Уечи, дал голем придонес во популаризирањето на овој стил, кој денеска се вежба активно во 180 земји во светот, а вклучени се приближно 50 милиони вежбачи.

Лево: Канбун Уечи; десно: неговиот син Канеи Уечи

Целосното име на вештината е Уечи рју Окинава Карате До и најважно од сè е дека е наменета за самоодбрана. Основното мото е „не постои прв напад во карате“ (карате ни сенте наши). Секоја ката започнува со блокирање на нападот и продолжува со удар.

Оваа вештина во Македонија се изучува во клубот „Окинава“ во Велес или „Окикукаи Уечи рју Македонија-Хомбу Доџо“ како што e познат надвор од земјата и е единствениот претставник за овој карате стил во Македонија. Член е на централната асоцијација на стилот, што се наоѓа на островот Окинава, „Окинава Карате До Асоцијација“ или скратено ОКИКУКАИ.

Инструктор во овој клуб е Боре Видевски, носител на црн појас 3. дан, со кого разговаравме за историјата и потеклото на Уечи рју, а и како се одвива еден тренинг во клубот.

„Уечи рју е специфична техника за блиска борба. Се нарекува уште и стил на тигарот, жеравот и змејот. Системот се состои од осум кати, од кои првата, Санчин, е најважна“, објаснува Видевски.

Лево: Логото на клубот, коешто е стилизирана верзија на симболот тројство – жерав, тигар и змеј (десно) и знамето на Окинава

Тој ни појасни дека тигарот дава сила и експлозивност, жеравот мекост и грациозност, а змејот брзина и непредвидливост. Осумте кати ги носат имињата Санчин, Каншива, Каншу, Сеичин, Сеисан, Сеирју, Канчин и Сансеирју. Првата ката Санчин е особено важна, затоа што со неа се вежбаат изометричките контракции и цврстината на телото.

„Со оваа ката вежбаме концентрација, но благодарение на неа се добива цврсто тело отпорно на удари. Санчин нè учи на основите движења и поставеноста на телото“, додава Видевски.

За разлика од други вештини, кај Уечи рју нема возрасна граница за почеток на изучување, ниту пак еден пол има предност пред друг. Во групата под инструкција на Видевски има и деца од шест години, но и возрасни на 60-годишна возраст. Ограничување не постои, па секој кој има желба или се чувствува подготвен за тренинг, во секое време може да се приклучи во клубот.

„Често кога членовите доаѓаат со придружба, особено малите деца со родителите, се случува и тие да посакаат да вежбаат. Некои дури и се придружуваат во изведување на вежбите“, ни кажа Видевски.

Членовите на клубот „Окинава“ од Велес, единствено место во Македонија каде се изучува оваа вештина

Во групата постои ред и хармонија, како и меѓусебна почит помеѓу членовите.

„Без разлика на возраста, додека вежбаме, сме наредени според рангот. Но, кога ќе се сретнеме надвор од клубот, без разлика на рангот и возраста, се отпоздравуваме со благо поклонување, како што работиме за време на тренингот“ ,ни раскажа еден од највозрасните членови на „Окикукаи Македонија“, кој оваа вештина започнал да ја тренира на своја 57-годишна возраст.

На прашањето што оваа вештина ја прави различна од другите карате-стилови, Видевски ни појаснува:

„Пред сè, почетниот став на Уечи рју е повисок споредено со другите вештини. Исто така, заедно вежбаат и почетниците и вистинските мајстори. Прво сите се загреваат, а потоа работат во групи или индивидуално, секако, под надзор на инструкторот. Окинава каратето е вештина, но е и животна филозофија и многу обрнуваме внимание на внатрешните вредности и почитта помеѓу членовите. Затоа, не секој може да се пронајде во неа.“

Уечи рју им помага на оние кои вежбаат да воспостават баланс помеѓу телото и духот, да бидат силни и здрави, да развијат координација на движењата, силата, издржливоста и брзината. Но, исто така, потребно е и редовно вежбање, затоа што способностите може да се намалат доколку не се одржува кондицијата. Сепак, уште на првиот тренинг по подолга пауза, членот веднаш се враќа во форма.

„Постојат моменти кога некој од членовите чувствува потреба да направи пауза, да одмори еден ден. Но, дури и тогаш тие доаѓаат на тренинзите и ги следат како публика“, додава Видевски.

Токму поради сето ова, Уечи рју го подобрува и квалитетот на животот, па слободно може да се каже дека не е само боречка вештина, туку и состојба на умот и животен стил. Овој стил, заедно со другите карате-стилови, учи на дисциплина на карактерот, скромност, дружење и чување на традицијата, како и на способноста да се примат удари, физички и ментални, тие да може да се поднесат и надминат и истото да се примени во реалниот живот, а не само на тренинг или во ситуација кога е потребна самоодбрана.

Приказната на Канбун Уечи

Легендата за Канбун Уечи вели дека тој, по 10 години обучување и вежбање, отворил своја школа во Нанџинг во 1906-та и продолжил да тренира Пангаи-нун под будното око на својот учител Шу Ши ва уште 13 години.

Три години подоцна се вратил на Окинава, колнејќи се дека веќе никогаш нема да обучува никого, поради тоа што еден од неговите кинески ученици убил сосед со техниката на отворена дланка, во конфликт околу земјиште.

Честопати добивал покани да обучува приватно, но одбивал, сè до 1924 година, кога поради економската ситуација Канбун Уечи заминал во градот Вакајама, каде бил чувар во фабрика за предење памук. Негов колега успеал да го убеди да го подучува и по две години приватни часови, колегата Рјују Томојосе и уште 30 други луѓе заинтересирани за вештината, успеале да го натераат да започне повторно со тренинзи.

Во 1948-та, по смртта на Канбун Уечи во негова чест оваа вештина го добива името Уечи рју карате џуцу. За разлика од другите два најраспространети стилови на Окинава, Шури-те и Томари-те, Уечи-рју бил под кинеско влијание на кружните и повторувачки движења и употребата на удар со отворена дланка коишто потекнуваат од кунг-фу од провинцијата Фуџијан.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар