Тестирајте ја вашата креативност
Да се биде креативен не подразбира само способност за цртање или свирење на некој инструмент. Креативноста е начин на размислување и перцепирање на сè она што нè опкружува. Без разлика колку и да сте убедени дека креативноста не е ваша јака страна, секој од нас е способен да создаде нешто ново или пак во нешто сосема обично да види нешто што другите не го гледаат.
Ако некогаш сте се запрашале кое е вашето ниво на креативност сега имате можност да се тестирате, и иако за ваквите тестови не е научно докажано колку се прецизни, сепак се забавни, а и ќе ве натераат да почнете да размислувате „надвор од кутијата“. Решенијата на предизвиците ви ги нудиме на крајот од постот.
1. Кои се алтернативите?
Овој тест е осмислен уште во 1967 година од страна на Џ.П. Гилфорд, а ја развива вашата креативност на тој начин што ве предизвикува да изнајдете што е можно повеќе алтернативни употреби на секојдневни предмети. На пример, шолјата за кафе може да се користи и како:
- свеќник
- саксија
- вазна
- касичка
- наместо кутија за моливи и пенкала
Оценете се од аспект на тоа колку одговори сте смислиле, колку се оригинални и прецизни. А колку повеќе се трудите, толку подобри ќе бидете следниот пат. За почеток можете да пробате со зборови како: лажица, пенкало, столица и слично.
2. Недовршена фигура
На работата на Гилфорд се надоврзал психологот Торенс, создавајќи ги Торенс тестовите за креативно размислување во 60-тите. Намената на овие тестови била да се изнајде нов начин на мерење на интелигенцијата која ќе биде ориентирана кон креативните способности на една личност. Еден од најпознатите Торенс тестови е „недовршената фигура“ а целта е од најобична форма да се обидеме да создадеме целосна слика или приказна. Најчесто употребувана форма е онаа како на сликата подолу.
Обидете се да креирате некаков цртеж тргнувајќи од базична форма слична како на сликата.
3. Загатки
Сигурно се сеќавате на старата загатка „Вар варосно, ѕид ѕидосано, никаде ни ѕирка ни проѕирка… што е тоа?“ Загатките поставуваат прашања за кои што навидум нема одговор сè додека не ни светне во секунда „Аха, јајце!“ Всушност станува збор за доста ефективен начин да го активираме мозокот и да почнеме да размислуваме пошироко. За разлика од првиот тест за алтернативни употреби, каде што целта е да се изнајдат што е можно повеќе одговори, тука се концентрираме на само еден точен одговор.
Само за вас, еве една интересна загатка:
„Еден човек си ги извршува вообичаените обврски на работа. Открива дека облеката му е скината. Набрзо потоа умира. Како е можно?“
4. Тест со свеќа
Ова е типичен тест за креативно решавање проблеми, а е развиен од страна на психологот Карл Данкер во 1945 година. На учесниците во експериментот им биле дадени свеќа, кутивче со ќибритчиња и уште едно кутивче со клинци. Задачата е да се пронајде начин запалената свеќа да се закачи на ѕидот, а притоа да не капе восок на масата под неа. Сето тоа може подобро визуелно да се види на сликата подолу. Дали се сетивте кој е најлесниот начин да се реши проблемот?
5. Што ги поврзува?
Станува збор за Remote Associates Test (RAT) развиен од страна на Марта Медник во 1962 година, а целта на тестот е да се најде поврзаноста на три дадени збора. На пример, групата зборови „бакнеж – љубов – помош“ можат да се поврзат со зборот „прв/а“ па така добиваме „прв бакнеж“, „прва љубов“ и „прва помош“. Многу психолози им го препорачуваат овој тест на учениците и студентите, затоа што вежбањето на мозокот на овој начин ни помага полесно да ги поврзуваме нештата и во текот на учењето. Обидете се да го најдете решението на следните примери:
- Гласна – класична – жива
- Повик – именик – линија
- Врата – шише – градина
- Фармерки – заљубен – ножици
Решенија
Одговор на загатката: космонаут
Како би изгледало едно од можните решенија (воедно и најпрактичните) на тестот со свеќата:
Одговори на групите зборови последователно: музика, телефонски, стаклена, пар
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.