Темната страна на емоционалната интелигенција
Високата емоционална интелигенција се смета за позитивна особина, меѓутоа таа има и некои негативни страни. Имено, најновите истражувања покажале дека превисоката емоционална интелигенција има лошо влијание во одредени случаи, особено кога сте под стрес.
Пред да продолжиме понатаму, најдобро би било прво да го дефинираме поимот „емоционална интелигенција“. Емоционална интелигенција е способност која им овозможува на луѓето да ги препознаваат туѓите емоции и да управуваат со сопствените. Со други зборови, се работи за тоа колку сте свесни за сопствените и туѓите емоции, колку сте способни да си ги држите своите емоции под контрола, дали можете да ги развеселите луѓето околу вас и какво влијание имаат емоциите на вашето размислување и решавање на проблемите.
Истражувањето спроведено во 2016 година ја испитувало емоционалната интелигенција кај студентите од машки пол. Истражувачите им дале на испитаниците неколку задачи со цел да ја одредат нивната емоционална интелигенција, како на пример да ги препознаат чувствата на луѓето од фотографии на кои се прикажани нивните изрази на лицето. Потоа, учесниците требале да одржат говор пред судии кои имале рамнодушен израз на лицето, а научниците го измериле нивното ниво на кортизол (стрес хормон) пред и по говорот.
Тие откриле дека мажите кои добиле повисоки резултати на тестовите за емоционална интелигенција, имале зголемено ниво на кортизол за време на стресната ситуација. Освен тоа, на емоционално поинтелигентните мажи им било многу потешко да се вратат во нормала по стресната ситуација. Со други зборови, луѓето кои поседуваат висока емоционална интелигенција доживуваат поголем стрес и им треба повеќе време за да се ослободат од него.
Овие откритија имаат логика, бидејќи мажите со повисока емоционална интелигенција веројатно биле многу посвесни за рамнодушниот израз на лицето кај судиите и нивните емоции. Нормално е да доживеете стрес во ситуации кога мислите дека оставате негативен впечаток.
Важно е да се спомене дека ова истражување било извршено на мажи, а други истражувања покажале дека емоционалната интелигенција има поинакво влијание на жените. Некои претходни истражувања откриле дека високата емоционална интелигенција кај жените може да доведе до насилство и други форми на лошо однесување. Причината за ова лежи во тоа што жените се свесни за нивните негативни емоции и имаат потреба да се ослободат од нив, а тоа понекогаш го прават на деструктивен начин, како на пример преку насилство.
Сепак, потребни се уште многу истражувања за да се одреди врската меѓу емоционалната интелигенција и стресот кај жените. И покрај тоа, истражувачите потенцираат дека важно е да се развива емоционалната интелигенција, сѐ додека знаете како да се справите со стресот на здрав начин.
И покрај нејзините негативни страни, прочитајте зошто емоционалната интелигенција е клуч за успешен живот.