Текст од 1995-та година повторно се прославува: „Разликата помеѓу мажите и жените“

Текст од 1995-та година повторно се прославува: „Разликата помеѓу мажите и жените“

Авторот и поранешен новинар Дејв Бери е сакан поради начинот на којшто го користи неговиот хумор за да даде посвеж увид кон секојдневните проблеми. Во 1995-та година тој ја напишал книгата „Комплетен водич за момци“ (Complete Guide to Guys) и еден дел од книгата и до ден-денес ги интересира луѓето.

Текст од 1995-та година повторно се прославува: „Разликите помеѓу мажите и жените“

Чепкајќи низ разликите помеѓу мажите и жените, кратката приказна на Бери е забавен поглед кон половите стереотипи, а со заклучокот се согласуваат многумина. Но не сите, се разбира. Нашиот однос кон половите се има променето толку многу овие неколку години што делото сега им изгледа едноставно и застарено на некои.

Без разлика дали и вие ќе се согласите или не, сепак станува збор за смешен текст кој вреди да го прочитате штом го преживеал тестот на времето.

Разликата помеѓу мажите и жените

Да кажеме дека на момчето по име Роџер му се допаѓа девојка по име Елајн. Тој ја поканува на филм, таа прифаќа и си поминуваат многу убаво. Неколку ноќи подоцна ја поканува на вечера, и повторно уживаат. Продолжуваат да се гледаат редовно, и по некое време никој од нив не се гледа со никој друг.

И тогаш една вечер додека се возат кон дома, Елајн помислува на нешто и без размислување го кажува на глас: „Дали сфаќаш дека до вечерва сме заедно точно шест месеци?“

И потоа тишина во автомобилот. На Елајн тишината ѝ изгледа премногу гласно. Си помислува: Се прашувам дали му пречи што го реков тоа. Можеби се чувствува ограничен со нашата врска. Можеби мисли дека се обидувам да го присилам на некаква обврзаност што не ја сака, или за којашто не е сигурен.

А Роџер си помислува: Боже. Шест месеци.

А Елајн си помислува: Но не сум толку сигурна дали и јас сакам ваква врска. Понекогаш посакувам да имав малку повеќе простор за да имам време да размислам дали навистина сакам да продолжиме исто… мислам, каде одиме? Дали ќе продолжиме да се гледаме на ова ниво на интимност? Дали се движиме кон брак? Кон деца? Кон заеднички живот? Дали сум подготвена за таква посветеност? Дали навистина ја познавам оваа личност?

А Роџер размислува: Па, тоа значи дека беше… ајде да видиме… февруари кога почнавме да излегуваме, што беше веднаш откако го однесов автомобилот на сервис, што значи… чекај да… Леле! Навистина треба да го менувам маслото.

А Елајн размислува: Разочаран е. Можам да прочитам на неговото лице. Може го сфаќам ова сосема погрешно. Можеби сака повеќе од нашата врска, повеќе интимност, поголема посветеност, можеби почувствувал уште пред мене дека се воздржувам. Да, сигурно е тоа. Затоа е толку неподготвен да каже што било за неговите чувства. Се плаши од одбивање.

А Роџер размислува: Ќе им речам пак да ја проверат трансмисијата. Не ми е грижа што ќе кажат тие идиоти, сè уште не е како што треба. И овој пат подобро да не го обвинат студеното време. Кое студено време? Надвор е 30 степени, а ова нешто работи како ѓубре и им платив 600 долари на тие крадци.

А Елајн размислува: Гневен е. Не го обвинувам. И јас би била гневна. Се чувствувам толку виновно што го терам да минува низ ова, но не можам да го променам начинот на којшто се чувствувам. Едноставно не сум сигурна.

А Роџер размислува: Веројатно ќе кажат дека има гаранција од само 90 дена…

А Елајн размислува. Можеби барам совршенство, чекам витез да дојде со неговиот бел коњ, кога седам до совршено добра личност, личност со која уживам да минувам време, личност за која навистина се грижам, личност која изгледа како навистина да се грижи за мене. Личност која е во болка поради мојата себична, средношколска романтична фантазија.

А Роџер размислува: Гаранција? Сакаат гаранција? Ќе им дадам гаранција. Ќе ја земам нивната гаранција и…

„Роџер“, вели Елајн на глас.

„Што?“, прашува Роџер, изненаден.

„Те молам не се измачувај“, му вели со насолзени очи. „Можеби никогаш не требаше… Ох Боже, се чувствувам толку…“ (Почнува да плаче.)

„Што?“, прашува Роџер.

„Будала сум“, липа Елајн. „Мислам, знам дека нема витез. Навистина го знам тоа. Смешно е. Нема витез и нема коњ.“

„Нема коњ?“, прашува Роџер.

„Мислиш дека сум будала, зарем не?“, вели Елајн.

„Не!“ извикува Роџер, конечно среќен што го знае точниот одговор.

„Само… потребно ми е малку време“, вели Елајн.

Има пауза од 15 секунди додека Роџер размислува најбрзо што може и се обидува да смисли безбеден одговор. Конечно смислува еден што мисли дека ќе работи.

„Да“, вели тој. Елајн, трогната, му ја допира раката.

„Ох Роџер, дали навистина се чувствуваш така?“, вели.

„Како?“, прашува Роџер.

„Така за времето“, вели Елајн.

„Ох“, вели Роџер. „Да.“

Елајн се врти кон него и го гледа длабоко во очите, правејќи да се чувствува нервозно за она што би можело да го каже следно, особено ако вклучува коњ. Конечно прозборува. „Ти благодарам, Роџер.“

„Ти благодарам“, вели Роџер. Потоа ја носи дома и таа лежи на нејзиниот кревет, измачена душа, и плаче до утрото, додека Роџер се враќа дома, отвора чипс, го вклучува телевизорот и веднаш станува заинтересиран за снимка од тениски натпревар помеѓу двајца Чехословачки спортисти за кои нема слушнато. Мал глас во неговиот ум му кажува дека нешто големо се случувало во автомобилот, но тој е сигурен дека никогаш нема да сфати што, па најдобро е да не размислува за тоа.

Следниот ден Елајн ѝ се јавува на најдобрата пријателка, или можеби на две, и разговараат за оваа ситуација цели шест часа. Во детали ќе анализираат сè што кажала таа и сè што кажал тој, повторувајќи одново и одново, истражувајќи го секој збор, израз и гестикулација барајќи значење. Ќе продолжат да ја дискутираат оваа тема со недели, можеби и месеци, без да дојдат до некаков заклучок, но воопшто нема да им здодее.

Во меѓувреме додека Роџер игра рекетбол со негов и пријател на Елајн, тој паузира за секунда и вели: „Норм, дали Елајн некогаш имала коњ?“

И тоа е разликата помеѓу мажите и жените.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар