Театарскиот свет на Ангела Димитрова: Претставата треба да запраша, да поттикне, да ослободи!

Театарскиот свет на Ангела Димитрова: Претставата треба да запраша, да поттикне, да ослободи!

Стана позната по ликот на црвенокосата пливачка Ивана која оди на терапија за да се справи со нејзината депресија и самоубиствени мисли. Самоуверено и храбро застана рамо до рамо со врвни актери, како што е Никола Ристановски, и уште еднаш докажа дека македонскиот театар изобилува со млади, но, за жал, честопати неоткриени таленти. Сега е дел од екипата на мјузиклот „Мама Миа!“ кој се прикажува во Македонскиот народен театар, редовно игра во претстави во Битолски театар, а утре, на 4 март (среда) ќе можете да ја погледнете во гостувањето на претставата „Пијани“ во режија на Марјан Ѓорѓиевски која ќе се одржи во „Square 21“ во 20.00 часот.

Театарскиот свет на Ангела Димитрова: Претставата треба да запраша, да поттикне, да ослободи!

Ангела во претставата „Пијани“

Ангела Димитрова е една од оние ненаметливи актерки кои полека, но сигурно се искачуваат на скалата на успехот. Иако многумина се разочарани од македонскиот театар, Ангела не престанува да сонува и цврсто верува дека имаме сѐ што ни треба за да изградиме стабилна театарска сцена, само треба да престанеме да го величаме туѓото и да почнеме да го цениме нашето. Со Ангела поразговаравме за нејзините ликови, македонската публика, состојбата на театарот, но и за најголемиот театар – животот…

Имаш и телевизиско и театарско искуство. Со кои ликови мислиш дека гледачите се поврзуваат повеќе? Тие што ги гледаат на телевизија или во театар? Зошто?

Публиката што доаѓа во театар и пред малите екрани не е иста, затоа што на телевизија гледаат и оние кои не се во можност да дојдат на претстава. Но тоа не значи дека едните се поврзуваат повеќе од другите. Јас мислам дека гледачот најчесто се поврзува со тоа што е најблиско до него. Со ситуацијата во која се наоѓа ликот, неговите емоции, неговиот став кон нештата, неговиот физички изглед можеби, односно сите оние работи кои гледачот ги видел и ги почувствувал на своја кожа. Мислам дека ликот кој е добро изграден и целосен допира до секого, без разлика дали се изведува во театар или се прикажува на екран.

Театарскиот свет на Ангела Димитрова: Претставата треба да запраша, да поттикне, да ослободи!

Ангела во ТВ серијата „На терапија“

Каква е македонската публика? Знае ли како да се однесува во театар, ги разбира ли претставите што ги гледа?

Претходната недела имав гостување со Народниот Театар од Битола во Кичево и морам да признам дека бев многу изненадена од публиката таму. Гледачите не само што си правеа муабет за време на претставата, туку и коментираа, дофрлаа и грицкаа сончоглед. Нашата публика не секаде е научена како да се однесува во театар, како да следи претстава, а најмалку пак да ја разбере. Можеби во Скопје, Битола, Велес, Штип и сите други градови каде што има театар има некаква култура, меѓутоа во другите места тоа сѐ уште го нема. Многу ми се допаѓаат лекциите по театарски бонтон, што скоро се појавија на Фејсбук од страна на колегите, во организација на „Театар за сите“. Сметам дека со тие видеа свеста ќе се поткрене малку повеќе. Уште многу лекции ни требаат за гледачите да почнат да го разбираат и почитуваат театарот.

Што му недостасува на театарот во Македонија?

Ние имаме сѐ што е потребно, но наместо да го искористиме тоа ние секогаш бараме нешто повеќе, нешто поинакво. Сакаме да се занимаваме со теми што не ни се толку блиски, да правиме нешто што не е поврзано со нашата реалност. Понекогаш правиме и такви претстави што не може да ги разбере секој. Можеби треба повеќе да се занимаваме со нашите теми и нашите проблеми, а не туѓите.

Театарскиот свет на Ангела Димитрова: Претставата треба да запраша, да поттикне, да ослободи!

Ангела во претставата „Дон Жуан“

Свириш и виолина. Колку е важно за еден актер да биде и музички поткован? Кои се предностите од овој талент за твојата професија?

Секој актер треба да биде и музички образован, се разбира колку што е во можност, затоа што музиката е дел од театарот и од нашиот живот. Без музика светот би бил нем и безличен. Таа го оживува оној дел од претставата или филмот што зборовите не можат да го опишат. Предноста во мојот случај е тоа што многу лесно можам да ја поврзам музиката со некои состојби на ликовите кои ги градам и не знам што би правела ако ја нема.

Каков е односот помеѓу колегите во театарот? Има ли поддршка или пак зависта надвладува?

Колегите и целиот ансамбл во театарот се најбитните креатори на една претстава. Многу е важна комуникацијата и енергијата која се создава за време на еден театарски процес. Се разбира, таа е секогаш различна, но јас мислам дека до сега сум имала среќа да бидам дел од прекрасни екипи. Моите колеги, особено постарите, ми даваат безрезервна поддршка и ме советуваат како да постапам во одредени ситуации. Им се заблагодарувам од сѐ срце и секојдневно од нив учам како да го сочувам ентузијазмот.

Театарскиот свет на Ангела Димитрова: Претставата треба да запраша, да поттикне, да ослободи!

Ангела во мјузиклот „Мама Миа!“

Каде можеш да препознаеш театар во реалниот живот?

Секаде и секој ден. Каде и да одам, било на улица, во автобус, супермаркет, банка, парк, буквално секаде околу нас се случува театар. Секој разговор, случка, ситуација… Сѐ е театар. Нашиот живот е театар!

Според тебе, која треба да биде главната цел на една театарска претстава?

Да освести, да научи, да запраша, да изненади, да возбуди, да расплаче, да разгневи, да заљуби, да исплаши, да зачуди, да заборави, да восхити, да поттикне, да ослободи…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар