Тајната на среќата: Секој ден наоѓајте време за да ја изразите вашата креативност
„Доколку се занимавате со уметност, без оглед дали сте талентирани или не, ќе доживеете личен развој.“ – Курт Вонегат
Психолозите дошле до сличен заклучок. Според неодамнешното истражување спроведено во Нов Зеланд, учеството во креативни активности придонесува за развој на позитивните емоции, психичкото здравје и животниот напредок.
Ова не важи само за луѓето кои имаат работа што бара креативно изразување. Сите што наоѓаат време за креативни хобија и проекти како што се пишување дневник, цртање, рачна изработка на предмети или свирење некој инструмент можат да го доживеат истиот ефект.
Во истражувањето учествувале 658 волонтери од кои било побарано 13 дена да водат дневник во кој ќе бележат колку биле креативни во текот на денот и ќе го опишуваат нивното расположение во целост. Под креативност се подразбирало смислување нови идеи, изразување на оригинален начин и поминување време во уметнички подвизи.
Исто така, секој ден учесниците бележеле колку мислат дека напредувале, што истражувачите го дефинираат како позитивен личен развој. Тие оценувале колку биле посветени на секојдневните активности и колкаво задоволство им донеле социјалните интеракции. Нивните дневници довеле до јасен заклуок. Веднаш по деновите кога испитаниците биле покреативни, тие изјавиле дека чувствуваат поголем ентузијазам и дека се поенергични. Со други зборови, тие напредувале.
„Ова откритие покажува дека постои посебна позитивна врска помеѓу креативноста и доброто расположение. Креативното изразување го подобрува расположението наредниот ден, а ова подобрено расположение повторно ја поттикнува креативноста уште истиот ден“, изјавил доктор Тамлин Конер, психолог на Универзитетот во Нов Зеланд.
Креативното изразување му дава смисла на нашето постоење. Освен тоа, креативноста помага при намалување на стресот и анксиозноста, ја зголемува отпорноста на надворешните влијанија и дава чувство на разиграност и љубопитност. Учеството во креативни активности и терапии базирани на уметност исто така придонесува за подобрување на физичкото и психичкото здравје.
Не грижете се ако не се сметате себеси за уметник. Не мора да поседувате никаков талент за да извлечете корист од креативните активности. Можете да експериментирате со нов рецепт во кујната или пак да си ја средите собата на оригинален начин. Сето тоа ќе ви ја даде потребната мотивација и инспирација.
„Не мора да усовршите некоја уметност, туку едноставно најдете начин секој ден да се вклучувате во креативни активности и ќе забележите значително подобрување во вашето расположение и општа благосостојба“, заклучува авторот на истражувањето.
Најдете го начинот на креативно изразување што најмногу ви одговара и веднаш ќе забележите неверојатна промена во вашиот живот и личен напредок.