Свила, чипка, декупаж: Интересни идеи за бојадисување и украсување на велигденските јајца
Бидејќи е во тек последната недела од постот, она на кое многумина од нас размислуваат и за кое сите ние се подготвуваме и посебно се радуваме е бојадисувањето на јајцата. Затоа и постојано се бараат нови начини за нивна декорација, односно начини на бојадисување што ќе дадат одлични резултати, а сите ние се стремиме кон тоа нашите јајца да бидат посебни и поразлични. За да го постигнете сето тоа, за вас пронајдовме три совршени начини за нивно бојадисување, поточно, техники и украси со кои ќе добиете необични и убави резултати.
1. Техника на бојадисување со свила
Најпрво е потребно да го пребарате вашиот гардеробер за некои свилени парчиња облека. Најважно е сето она што ќе го пронајдете да биде шарено, со некои занимливи шари и дезени, и да станува збор за 100% свила. За ова може да ги искористите старите вртоврски, марами, блузи и фустани кои повеќе не ги носите, и важно е сите нив да ги одвоите од поставата, за да ви остане само свилата.
Кога ќе пронајдете вакви парчиња ткаенина, замотајте го јајцето во неа, така што лицето на материјалот да биде од страната на јајцето. Заврзете ја околу јајцето, а потоа замотајте го во обична бела ткаенина и неа исто така прицврстете ја. Кога ќе завршите со тоа, ставете неколку јајца во тенџере со вода и со 60 милилитри оцет. Варете ги јајцата околу 20-тина минути, додека целосно не се сварат. Откако ќе заврши тој процес, извадете ги на некоја подлога или чинија за да се оладат, па потоа можете да ги одвиткате. И да, внатре ќе ве пречека совршено изненадување и јајце кое е украсено како никое досега.
2. Техника на украсување со чипка
Слично како претходната, и ова е техника ќе ви даде украсени јајца на начин кој најверојатно досега не сте го применувале. Потребна ви е чипка, а најдобро би било да имате лента од овој материјал кој е клучен дел од оваа техника на бојадисување. Замотајте го јајцето во неа, односно спојте ги краевите на ткаенината и заврзете ги со некое конче или ластик, што било кое инаку го користите за нивно врзување во текот на бојадисувањето.
Можеби би било најдобро малку да ги сварите, па на половина од тој процес да заврзете чипка, а потоа да ги ставите во вода со бојата во која сакате да бидат. Доварете ги и во оној момент кога варењето ќе биде готово, извадете ги јајцата, отстранете ја чипката и ќе ја добиете најсовршената шара што некогаш сте ја имале на вашите украсени јајца.
3. Декупаж техника за украсување на јајцата
Ова е техника која веќе неколку години се користи не само за украсување на јајцата, туку и за бројни други предмети, како некои послужавници, дрвени кутии за накит, мебел и многу други предмети. Најпрво, потребно ви е сварено јајце кое веќе е бојадисано во некоја боја. Бидејќи станува збор за јајца кои се јадат, не би требало да користите лепило што инаку се користи за декупаж, туку можете да го замените со белка од јајце, малку промешана со виљушка.
Земете неколку салфетки и исечете ги нивните најубави делови така што ќе го земете само првиот слој од нив. Потоа ставете го на јајцето и со четка за цртање или со некоја мека четка за шминкање, пополека преминувајте со белката преку јајцето, а потоа оставете го целосно да се исуши. Белката од јајце во овој случај ќе се однесува како лепило и ќе добиете совршено украсени јајца, како салфетката да е дел од нив, а не нешто кое е дополнително ставено на него.