Свети Трифун, Свети Валентин или Ден на вљубените: Како да го прославите 14-ти февруари?
14-ти февруари е денот кога се прославува Свети Трифун во православието, Свети Валентин во римокатолицизмот, а индустријата пак го слави Денот на вљубените. Сигурно се прашувате дали на овој ден треба да му оддадете почит на Свети Трифун, на свети Валентин или пак да му дадете подарок на саканиот во чест на Денот на вљубените. Прашањето не е без одговор, но сигурно предизвикува многу забуна. Па, време е да се стави крај на оваа мистерија.
Свети Трифун и Свети Валентин
Во православната црква Свети Трифун се прославува на 14-ти февруари, а со овој празник се поврзуваат многу легенди и обичаи. Свети Трифун е роден во селото Комсада, Фригија. Живеел во 3-тиот век по Христос, бил негов следбеник и водел сиромашен живот. Тој им ги чувал гуските на богатите и така заработувал за храна.
Со него е поврзана легендата дека ја излечил ќерката на римскиот император Гардијан од зли духови, а поради ова бил награден со големо богатство. Наградата ја поделил со сиромашните и продолжил да си живее во сиромаштија.
Императорот Дециј бил голем противник на христијанството, па го затворил Трифун во самица. Бидејќи не сакал да се откаже од учењето на Христос, на 14-ти февруари 250-та година, Трифун бил мачен и убиен. Се верува дека Свети Трифун ги штити лозјата од град и штетници и дека на денот на неговата смрт треба да се закројат лозјата.
Во римокатоличката црква се празнува Свети Валентин, маченик кој бил доволно храбар да се спротивстави на одлуката на императорот Клавдиј. Тој тајно ги венчавал војниците на кои бракот им бил строго забранет. Поради ова Клавдиј го погубил Валентин. Пред смртта тој ѝ напишал писмо на една слепа девојка во која ѝ се заблагодарувал. Со писмото пратил и жолт шафран, а откако го добила, девојката прогледала.
Во православната црква овој празник се прославува на 12-ти август и со него нема некои посебни обичаи како во римокатоличката црква.
Денот на вљубените: Заговор или ден на љубовта?
Поимот „Денот на вљубените“ се повторува сè почесто, па полека исчезнува сеќавањето за Свети Трифун. Поимот се појавил во 14-ти век кога на друштвата во Англија и Франција им бил потребна отмена љубов, односно некоја нова мода. Денот на вљубените најмногу се поврзува со Свети Валентин, иако римокатоличката црква не се согласува со ова. Сепак, пред неговата смрт Валентин ја покажал својата љубов кон една жена со цвет и писмо, а токму ова го прават многу парови низ целиот свет.
Теолозите сметаат дека овој празник е поблизок со паганската религија и со стариот римски празник Луперкалија кој ги поддржувал промискуитетот и развратот. Додека многумина сметаат дека ова е модерен празник чија основа е од комерцијална природа, а не емоционална, не треба премногу да се верува ниту пак целосно да се отфрлат овие стравови.
Што треба да празнувате?
Ова е прашање чие одговор го знаете само вие. Не е погрешно да ја славите љубовта. Православните свештеници нè учат да веруваме во Свети Трифун и дека овој ден треба да му го посветиме нему, а не на Свети Валентин кој се прославува на 12-ти август.
Се разбира, не е забрането да го прославувате и Денот на вљубените. Јасно е дека празникот е претворен во најголемиот пазарен ден за златарите и за цвеќарите, а токму поради тоа е изгубен духот на љубовта. Во Италија на пример, овој празник не смее да помине без скап подарок како парфем, цвеќе или накит. Статистиката покажала дека во 2011-та година во Италија биле продадени 14.000 рози, како и вртоглаво голем број парфеми, козметика и долна облека. А важно е прашањето колку паровите се задоволни од љубовта или пак, поважни им се подароците.
И додека многу туристички агенции нудат и брачни патувања за овој ден, романтичните луѓе тврдат дека сето тоа не им е потребно. Доволно се неколку слатки зборови и чаша вино за прославување на вистинската љубов која ќе трае подолго од комерцијалната илузија.
Прочитајте нешто повеќе за мрачната историја на Денот на вљубените.