Свадбени обичаи од различни делови на светот
Автор: Тања Илиевска
Зошто светот е привлечен? Заради различноста. Ист повод, но различни обичаи. И сè во името на новиот почеток.
Менување фустани
Во модерна Кина невестата избира не еден, туку три свадбени фустани. Еден е традиционалниот фустан „qipao“ или „cheongsam“ кој е навезен и кој за свадби вообичаено се прави во црвена боја, бидејќи во Кинеската култура црвената боја е симбол на среќата и се смета за силна боја која може да ги избрка злите духови. Другиот е раскошен, бел, балски фустан, додека последниот е коктел фустан, кај кој нема ограничување во поглед на бојата.
Цртање по рацете
Цртањето по раце е обичај кој е застапен во Индија. Пред свадбата, уникатни дизајни се аплицираат на рацете и нозете на Индиската невеста, процес познат под името „mehndi“.
Ваквите дизајни се привремени, траат неколку недели, а се прават со користење на исушени листови к’на. Процесот на аплицирање бара време и тоа не само да се исцртаат дизајните, туку потребно е време за к’ната да се исуши на кожата. Вообичаено семејството на невестата прави мала забава во текот на која се цртаат дизајните.
Мазел тов
При крајот на церемонијата, за време на традиционална Еврејска свадба, обичај е младоженецот да скрши чаша со десната нога. Симболиката на оваа традиција се толкува на различни начини, а еден од нив е дека и во моментите на голема радост, треба да се потсетиме дека животот носи и тага. Откако стаклото ќе се скрши, гостите извикуваат „Mazel Tov“, што значи „Со среќа“.
Прескок на метла
Прескокнувањето метла се смета за африканско-американски свадбен ритуал. Метлата се украсува со ленти, цвеќиња и предмети кои имаат симболичко значење. Скокот претставува нов почеток, бришење на грижите и стариот начин на живот и навлегување во нова авантура како маж и жена.
Мали деверуши
Овој обичај е најкарактеристичен за кралските свадби во Велика Британија. Невестата е придружувана од страна на мали девојчиња, наместо од деверуши на нејзина возраст. Така во 1947 година кралицата Елизабета II, која тогаш имала 21 година, имала 8 деверуши, од кои повеќето помали од неа. Принцезата Дајана имала 5 деверуши, од кои најмалата имала 5, а најголемата 17 години. Најмалото девојче кое ја придружувало Кејт Мидлтон имало 3 години.
Влечење ленти од свадбената торта
Во Перу, девојките кои се немажени учествуваат во традиција која е послатка од фрлањето на бидермаерот. Секоја од нив влече една од лентите кои се поставени помеѓу слоевите на свадбената торта. На крајот од една лента се наоѓа лажна бурма, па се смета дека девојката која ја извлекла лентата со бурмата е следната која ќе се мажи.
Весела поворка
Во Либан свадбите започнуваат со многу музика, играње и извици од радост веднаш пред вратата на младоженецот. Ова се вика „Zaffe“, поворка составена од семејството и пријателите на младоженецот, кои заедно со него одат до куќата на невестата. Дел од оваа поворка можат да бидат и професионални музичари и танчери. Оваа група потоа го испраќа брачниот пар со многу благослови и цветни ливчиња.
Жртвување животни
Традиционалните свадби од Зулу, Јужна Африка, се одбележани со живописни бои и со надигрување помеѓу семејствата на невестата и младоженецот. Како и многу невести од светот, така и невестата од Зулу се облекува во бела венчаница, која по венчавањето во црква може да ја замени со традиционална облека. Обичај е фамилијата на младоженецот да заколе крава во знак на добредојде за невестата, а невестата става пари во стомакот на кравата, како знак дека и таа сега е дел од тоа семејство.
Откуп на невеста
Традиционален свадбен ритуал во Русија е откупот на невеста или „vykup nevesty“. Младоженецот пред свадбата најпрво оди во куќата на неговата идна сопруга, каде го пречекуваат нејзините пријатели и семејство и тие на шега не му даваат да ја види својата сакана, сè додека не им даде пари или подароци. Понекогаш младоженецот треба да погодува гатанки, да танцува или да изведе нешто едноставно што ќе се побара од него. Откако ќе ги импресионира семејството и пријателите на овој начин, тие му дозволуваат да ја види саканата. Сличен ритуал се практикува и во Македонија.
Откуп на чевли
За разлика од Руските младоженци, мажите во Пакистан треба да платат доколку сакаат да си ги задржат чевлите. По Пакистанската свадба, парот се враќа дома за церемонијата наречена „откривање на лицето“. Семејството и пријателите држат зелена шамија над главите на невестата и младоженецот и невестата го симнува превезот кој го носи во текот на свадбената церемонија. И додека сето ова трае, женските роднини на невестата ги земаат чевлите на младоженецот и бараат пари за да му ги вратат.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.