Стилот е одговор на сè: Цитати од книжевните великани за модата
Пред да започнеме да ги бараме советите за модата во списанијата, книгите сосема добро ни служеа како извор на модна инспирација. Потребен ви е моден совет? Побарајте го во книжевноста! Погледнете некои од најдобрите модни совети на славните писатели.
1. Оскар Вајлд
Талентираниот писател, Оскар Вајлд, велел дека убавината на фустанот зависи исклучиво од убавината која ја прекрива, но и од слободата и движењата кои не смеат да се ограничуваат.
„Модата се заснова на лудоста. Уметноста се заснова на законот. Модата е краткотрајна. Уметноста е вечна. Всушност, што е мода? Модата е форма на грдоста, толку неподнослива што мора да се менува секоја сезона.“
Филозофијата на Вајлд ја делела и Коко Шанел. Жената која предизвикала своевидна модна револуција, во една прилика изјавила дека модата е менлива, но стилот е вечен. „Им ја вратив слободата на жените“, рекла Коко, додавајќи дека исто така им ги вратила и нивните тела.
2. Чарлс Буковски
„Стилот е одговор на сè.
Свеж начин да им пристапиш на глупавите или опасни работи.
Да направиш глупава работа со стил е подобро отколку да направиш опасна работа без стил.
А, да направиш опасна работа со стил, тоа е она што јас го нарекувам уметност.“
За да се издвоите, потребен ви е стил, вели Буковски. Изгледот е она што другите го гледаат кога ќе ве погледнат. Стилот ви ја дава можноста сами да го проектирате сопствениот идентитет.
3. Труман Капоте
За некој кој не знае да штеди, јунакињата од романот „Појадок кај Тифани“ е исклучително стилизирана. Ликот кој го оживеа Одри Хепберн во 1961 година носи мал црн фустан кој влезе во историјата на модата, а кој за потребите на филмот го креирал Хубер Живанши.
Кога ќе се најдете во модна недоумица, запрашајте се што би направила Холи Голајтли. Нејзиниот стил е софистициран, но и забавен. Кој друг може да стави бисери за појадок, да пие во друштво на мажи, а притоа да изгледа гламурозно во својата независност, а не просто? Таа зрачи со сексапил кој не е секојдневен.
„Вечерта беше топла, скоро летна. Таа беше во лесен, залепен црн фустан и црни сандали, а околу вратот имаше низи со бисери. И покрај сета нејзина елегантна виткост, изгледаше здраво како од рекламите за овесни снегулки. Оддаваше впечаток на чистота која се постигнува со сапун и лимон, а образите ѝ беа темнорумени.“
4. Вирџинија Вулф
Во романот „Орландо“, Вирџинија бележи дека облеката има многу позначајна улога од тоа само да нè грее.
„Таа го менува нашиот поглед на светот и тоа како светот гледа на нас.“
Облеката и модата се важни мотиви во фикцијата на Вулф. Наместо да ја скриjат, тие ја откриваат внатрешната ранливост на нејзините ликови. За неа, облеката честопати била кошмар, како во нејзиното секојдневие, така и во нејзиното пишување. Најсреќна била кога никој не вперувал погледи во неа, а најмногу од сè, како што наведува нејзиниот биограф Квентин Бел, сакала да биде невидлива.
Во една прилика, позирајќи за Вог во мајчиниот фустан, Вирџинија Волф запишала:
„Сметам дека луѓето имаат поголема свест… Сакам да ја истражувам свеста која ја имаат луѓето на забавите, свеста за облеката… Модниот свет дефинитивно е место каде што луѓето ја кријат наметката која ги поврзува со другите, но и ги штити од нив, како што е тоа во мојот случај. Оваа состојба е многу тешко да се објасни (очигледно, барам зборови), но секогаш се враќам на таа тема. Сепак, не можам потполно да објаснам што мислам.“
5. Џакомо Леопарди
Разговорот помеѓу модата и смртта укажува на моќната врска помеѓу модата и менливоста. Во ова дело на италијанскиот поет, есеист и филозоф на романтизмот, Џакомо Леопарди, Модата води разговор со Смртта.
„Модата: Зарем не ме препознаваш?
Смртта: Мора да знаеш дека имам лош вид и дека не можам да носам очила, бидејќи Англичаните никако да направат онакви какви што ми одговараат мене, а и кога би ги направиле, јас немам нос на кој би ги ставила.
Модата: Јас сум Модата, твојата сестра.
Смртта: Мојата сестра?
Модата: Па да, зар не се сеќаваш дека и двете сме ќерки на Менливоста.“
Џакомо Леопарди не творел во периодот на Ренесансата туку за време на Романтизмот. Сте утнале некој век.