Средновековниот „инфлуенсер“ кој го убеди светот дека чајот не се јаде туку се пие
Ви се верува дека порано кинеската култура на консумирање чај сосема се разликувала од денешната? Наместо во форма на пијалак, Кинезите го приготвувале чајот како супа, па дури и сос, со состојки како ѓумбир, лушпи од цитрус, бобинки, нане и млад кромид. Тоа било така сè дури Лу Ју, познат и како „мудрецот на чајот“, не се залагал за консумирање на пијалак кој е сварен од листовите чај, без никаков друг вкус. Општопознато е дека Азијците со векови ги јаделе листовите чај, пред да помислат дека може да се пие.
Според Џорџ ван Дрием, автор на „Приказна за чајот: сеопфатна историја на чајот – од праисториско време па сè до денес“, древниот обичај на јадење чај потекнува од регионот на западна Кина до границата со Мјанмар. Познат како Источни Хималаи, овој раскошен предел изобилувал со диви чајни билки.
Пред илјадници години, тамошните жители ги откриле енергетските својства на чајот и го консумирале така што џвакале сирови листови. Подоцна научиле како да ги ферментираат листовите кои дотогаш ги џвакале како бетел или ги додавале во супи.
Кинезите ја стекнале навиката за консумирање чај откако нивните владетели ја прошириле државата кон Источните Хималаи. Тие почнале да ја користат оваа билка за подобра концентрација. Така, на пример, Хуа Туо, познат лекар од вториот век од нашата ера, напишал: „Јадењето горчливи лисја е добро за изострување на умот, особено ако се консумираат подолг временски период“. Покрај тоа, Кинезите го користеле чајот и за готвење. Во летните месеци била особено популарна каша од ориз со листови чај бидејќи се верувало дека помага при „исфрлување на топлината од телото“ (многу модерни култури веруваат дека пиењето чај помага да се олади телото).
На денешното кинеско мени нема да најдете супа од чај, а за тоа можете да му се заблагодарите на Лу Ју. Кога не пишувал трактати, талкал низ шумите и ги барал најдобрите листови чај. Средновековниот љубител на чајот имал голема улога во трансформацијата на чајот од супена храна до оној освежителен пијалак кој ни е познат денес.
Лу не бил првиот кој ги варел листовите чај во топла вода. Будистичките монаси со векови го подготвувале чајот на овој начин. Тие сметале дека овој пијалак можел да ги држи будни, особено за време на долгите сесии за медитација кои најчесто ги правеле на празен стомак.
Така, Лу ја стекнал навиката да пие чај од будистичкиот монах кај кого бил згрижен (Лу бил сирак). Во 760 година од нашата ера, Лу напишал трактат за чајот насловен како „Книга за чајот“ кој бил првиот сеопфатен труд за одгледување, производство и консумирање чај.
Според Лу, чајот бил еден вид еликсир чии магични својства можеле да се намалат доколку се измеша со обични состојки како оризот. Затоа, инсистирал чајот да се консумира само со вода и малку сол (за да се подобри вкусот на водата).
Делото му донело голема слава на Лу кој станал дури и еден вид светец-заштитник на продавачите на чај.
Откако прочитавте за Лу Ју и неговото дело, можеби ќе сакате да прочитате и кој чај е најдобар за вас според вашата крвна група.
Извор: atlasobscura.com