Современите родители ги успиваат децата со песни од Ријана и Адел
Современите родители сè повеќе се откажуваат од традиционалното успивање на нивните деца со пеење или пуштање на детски приспивни песнички. Наместо тоа, ги успиваат со популарните хит песни од топ-листите, вели новото британско истражување.
Традиционалните песни како „Twinkle Twinkle Little Star“ (или нашиот еквивалент Нани, нани бебенце) се прогласени за старомодни и глупави и наместо нив, родителите ги пуштаат хитовите на Адел, Бруно Марс или Ријана.
Половина од 2.000 анкетирани родители, признаваат дека со поголемо задоволство им ги пеат на нивните деца познатите хитови, а само 15% од родителите, сè уште ги фаворизираат приспивните песнички.
Хитот на Бруно Марс „Just the Way You Are“ и на Адел „Someone Like You“ се најпопуларни песни за деца, а потоа следува „Umbrella“ на Ријана, покажала анкетата.
Стручњаците истакнуваат дека секое пеење е добро за децата, без оглед дали станува збор за нов поп хит или песни стари 100 години. Децата изложени на музика, најверојатно ќе развијат добри говорни способности. Музиката воедно ги успокојува децата и им помага подобро да се справат со болка. Тоа е така бидејќи слушањето музика им го зголемува нивото на допамин, кој им помага да спијат поцврсто.
Модерната музика сепак не е секогаш добар избор, бидејќи третина од родителите признаваат дека нивното дете попрво ќе се умири со традиционална приспивна песна, отколку со поп песна. Исто така, половина од родителите признаваат дека им дозволиле на нивните деца, намерно или ненамерно, да слушаат поп песни кои содржат несоодветен текст.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.