Сосема нормално е тоа што некои момчиња ја обожаваат розовата боја

Сосема нормално е тоа што некои момчиња ја обожаваат розовата боја

Не постојат научни докази дека бојата и полот се вродено поврзани. Експертите од различни области се согласуваат дека поделбата на боите, односно верувањето дека розовата е женска, а сината машка боја, настанало како последица на модните трендови од минатиот век.

Сосема нормално е тоа што некои момчиња ја обожаваат розовата боја

Во минатото, розовата боја не била резервирана само за жените, туку и мажите честопати се облекувале во розово. На почетокот од 20-ти век, родителите ги облекувале малите деца во неутрални бои, најчесто во бела, бидејќи била поедноставна за одржување.

Со развојот на технологијата, која го олеснила боењето на облеката, и со зголемувањето на потрошувачкиот пазар, во западните земји се појавил обичајот дека синото е за момчиња, а розовото за девојчиња. Се смета дека тоа влијаело и на напредокот во медицината која им овозможила на родителите да го дознаат полот на детето пред раѓање и да можат однапред да купат производи за девојчиња или момчиња.

Верувањето дека розовата е женска боја земало најголем замав во САД во 50-тите години од минатиот век, бидејќи тоа било омилената боја на тогашната прва дама Мејми Ајзенхауер. Розовата боја станала популарна и благодарение на филмот „Смешно лице“ (Funny Face) со Одри Хепберн во главната улога. Така, женската поп култура и ден денес останала „зачинета“ со розови нијанси, почнувајќи од барбиките па сѐ до хигиенските влошки.

Кога на некое момче ќе му се допадне розовата боја на облека или на некоја играчка, првата реакција на возрасните е „Што ќе ти е розова боја, таа е за девојчиња!“. Вистината е дека розовата воопшто не е женствена боја. Светскиот институт за бои Pantone, кој веќе половина век ги диктира најновите трендови, ја опишува розовата како „храбра и витална боја која ја подигнува самодовербата и ја дава потребната сила за соочување со стресното секојдневие“.

Поделбата на сината и розовата боја е само една од многубројните категоризации кои се имаат појавено во општеството. Луѓето сакаат кога работите се едноставни и кога не треба многу да размислуваат, па затоа без двоумење го прифаќаат она што се нуди на пазарот. Ако она што се нуди е претежно во розова и сина боја, тоа се комбинира со полот на детето и така се создава општествен тренд кој повеќето луѓе го следат без многу размислување.

Сосема нормално е тоа што некои момчиња ја обожаваат розовата боја

„Родителите честопати искажуваат загриженост поради тоа што нивното дете ја обожава ’погрешната’ боја кога се во прашање момчињата, бидејќи се плашат од општествените осудувања и од стигматизацијата. Возрасните неретко даваат непримерни коментари кои можат кај децата да предизвикаат чувство на срам и вина. Уште на предучилишна возраст, децата знаат меѓусебно да си зборуваат дека ’тоа е за девојчиња/момчиња’ и ако детето отстапува од очекувањата, може да биде изложено на навреди и омаловажувања од страна на врсниците“, објаснуваат психолозите.

Кога не би ги делеле игрите, играчките и спортовите на машки и женски, децата веројатно би биле многу поопуштени и не би се грижеле околу тоа дали некој ќе го одобри или критикува нивниот избор. Децата треба да си играат со различни играчки, без разлика дали тие се првично наменети за девојчиња или момчиња и треба да се облекуваат во боите кои им се допаѓаат.

„Возрасните треба да им помогнат на децата да пораснат така што самите ќе си ги бираат боите, играчките, а понатаму и професиите. Треба да им помогнат да сфатат дека не треба да се чувствуваат помалку вредни ако не ги исполнуваат општествените очекувања. На децата треба да им се објасни дека понекогаш луѓето ќе мислат дека е необично тоа што некои девојчиња си играат со колички, а некои момчиња со кукли, но дека и едното и другото е сосема нормално“, додаваат писхолозите.

Розовата боја е интересна, одлучна и прекрасна. Таа пренесува позитивна енергија и го подобрува расположението. Токму затоа, децата не треба да се ограничуваат, туку треба да се почитува нивниот избор на боја, облека, играчки и на сѐ друго останато понатаму во животот.

Доколку ве заинтересира оваа тема, дознајте како розовата боја станала карактеристична за девојчињата, а сината за момчињата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар