Синдромот „Испитна сесија“
Што поминува низ главата на студентите додека се подготвуваат за испитната сесија? Кои се нивните одлуки и планови кои ги имаат за учењето и какво расположение ги следи во текот на целиот период? Прочитајте ја оваа листа на активности и размислувања за која веруваме дека голем дел од студентите совршено ја применуваат и потоа пишете ни дали и вие сте дел од нив…
1 месец пред испит
Ги собирате сите материјали, забелешки и останати нешта кои ви се потребни за испитот. Се консултирате со колегите од вашата генерација и барате совети од „постарите.“
Размислување: Овој пат сте решени сериозно да учите за испитот. Имате добро чувство бидејќи сте почнале олку рано да се подготвувате.
Расположение: Позитивно, среќно, безгрижно… Знаете дека имате доволно време за сè и верувате во вашето организирање на учењето.
Дејство: Испитот ви се гледа премногу далеку, па поради тоа се задржувате на прибирање на материјалите и одење на кафе со колегите каде што неколку минути разговарате за испитот, а останатото време неуспешно закажувате дата за почетокот на учењето.
3 недели пред испит
Сите материјали кои ви се потребни за испитот ги ставате на масата едни врз други. Броите колку страни имате за учење, правите математички пресметки за колку страни би поминувле секој ден доколку почнете од денес.
Размислување: Горди сте на себе. Имате толку многу време пред вас што едноставно не можете да си дозволите да не направите прослава со вашите пријатели за зрелиот пристап кон учењето.
Расположение: Малку сте мрзливи, но знаете дека е до времето. За ден-два ќе огрее сонце и ќе се вратите повторно на вашето ентузијастичко и мотивирано расположение.
Дејство: Испитот сè уште ви се гледа премногу далеку, но сепак книгите стојат до вас за да ве потсетуваат дека во секое време би требало да почнете со учење. Ги гледате додека пиете кафе со најблиските, додека јадете, додека средувате по дома, додека читате интересни текстови на Кафе пауза… Па, дури ги погледнувате и додека ги гледате вашите омилени серии.
2 недели пред испит
Им кажувате на сите дека вашето учење започнува и да не ве планираат за излегувања, собиранки и кафиња. Достапни сте само ако е нешто итно во прашање.
Размислување: „Морам да почнам да учам, морам да почнам да учам, морам да почнам да учам…“
Расположение: Загрижено, без енергија, малку исплашено. Ако не почнете веднаш со учење знаете дека потоа нема да можете да постигнете.
Дејство: Непрекинато гледате во мобилниот/компјутерот/влезната врата. Претчувствувате дека некој ќе ве побара за нешто итно. Па, испитите не можат да бидат на прво место пред проблемите на пријателите, нели?
1 недела пред испит
Конечно седнавте на масата и го растуривте купот од материјали што го наместивте таму пред 3 недели. Ги поделивте книгите, листовите и прашањата на неколку групи на вашата маса и пред да почнете да учите правите неколку фотки од вас со вашето преплавено биро.
Размислување: Треба само да си ја смените профилната слика на Фејсбук – Твитер – Пинтерест – Инстаграм – Гугл плус за да им дадете на сите до знаење дека сте сериозни и потоа можете да почнете со учењето.
Расположение: Чудесно смирено, мотивирано, организирано. Чувствувате дека ви се врати желбата за положување на испитот.
Дејство: Листате низ материјалот, цртате на празните делови во книгите и ги боите фотографиите кои се дел од лекциите. Многу подобро се помни кога е шарено отколку кога е монотоно, нели?
3 дена пред испит
Читате, учите, правите свои забелешки. Конечно ви тргна работата на подобро…
Размислување: Повеќе учење, екстремно количество кафе и помалку спиење. Тоа е лекот.
Расположение: Променливо, зависи од моментот. Еднаш сте сконцентирани и мотивирани, а веќе следната секунда знаете да почнете да паничите…
Дејство: За време на учењето дознавате фасцинантни работи за вашиот дом. Како никогаш претходно не сте забележале колку убава боја има ѕидот до вашата работна маса? Или завесите, замислете тие имале мали крукчиња во дизајнот. Да не збориме за пенкалото кое го држите. Има толку многу интересни детали на него…
1 ден пред испит
Вашата соба е преплавена со опаковки од чоколади, смоки, чипсови и останати грицки. Безброј чаши (за кафе) можат да се најдат на маса, под маса, под кревет, под перница, во ормарот, меѓу алиштата на подот…
Размислување: Кога ќе помине испитот ќе спијам… сега се чувствувам одлично и ништо нема да ме спречи да го положам овој предмет.
Расположение: Хиперактивно, се сеќавате ли колку кафиња испивте?
Дејство: Учите, куцате ливчиња за потсетување/препишување, правите планови на седење за време на испитот со колегите.
Неколку минути пред испитот
Се чувствувате неверојатно преморено. Си ветувате на себе дека ова е последен пат како правите вака. За наредниот испит (кој е за неколку месеци) ќе почнете да учите уште утре.
Размислување: Ајде нека помине побрзо…
Расположение: Поспано, без концентрација, едвај чекате да си одите дома и да спиете.
Дејство: Ги игнорирате колегите за прашањата поврзани со материјалот. Си замислувате плажа, море, уживање на топлината од сонцето. Скоро можете и да го почуствувате ветерот кој секогаш е присутен покрај морето.
Веднаш по завршувањето на испитот
Чувствувате неверојатна семоќност. Испитот ви помина многу подобро отколку што очекувавте. Се јавувате кај сите да им кажете дека вечерва ќе мора да прославите.
Размислување: Вечерва ќе танцувам во дискотека како „луд/а“. Потоа кога ќе се вратам 2 дена ќе спијам за да надокнадам…
Расположение: Необјасниво одлично.
Дејство: Брзате накај дома за да имате време да се подготвите за вечерното излегување.
Неколку часа по испитот
Замотани во бањарка и пешкири, неколку минути по туширањето заспивате на вашиот мек и удобен кревет. Мобилните ви останале на „silent“ од испитот и никој не може да ве најде за вечерното излегување. Спиете до наредната вечер, станувате да јадете, се облекувате во пижами и потоа се враќате повторно на спиење. Заспивате со мислите, „веќе никогаш нема ова да ми се повтори…“
И потоа наредната сесија, пак сè од почеток…
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.