Симболизмот во поп индустријата
Тие се нашите идоли. Тие го одбележуваат нашето време, создаваат уметност која ја споделуваат со милиони, креираат настани проследени од масовна публика, која секој пат е желна за уште повеќе. Ние сме тие кои ги следиме, кои ѕиркаме во нивните животи за да дознаеме некоја ситница плус и ние сме тие кои ги ставаме на пиедестал, но и ги симнуваме од таму кога веќе не ни се интересни.
Но, што ако не сме ние тие што избираат што всушност сакаме да слушаме како публика? Што ако вкусот и мислењето за одредени музички ѕвезди ни е потсвесно наметнато? Како Лејди Гага облечена во костум од месо е нешто што ја фасцинира денешната публика?Овие и многу слични прашања, всушност имаат доста добри и исцрпни одговори. Веќе долго време можат да се најдат најразлични блогови, сајтови и форуми посветени на музичката индустрија и поврзаноста со окултизмот, симболизмот и перењето мозок. Просто невозможно е едно пребарување на интернет за „селебрити“ од рангот на Ријана или Бијонсе да не биде проследено со најразлични блогови, кои овие ѕвезди ги поврзуваат со разни секти и мрачни пораки во нивните песни. Иако голем дел од нив изгледаат како да се дел од бујна фантазија и случајни поклопувања, од време на време може да се пронајде статија која нештата ги поврзува сосема логично и истовремено доста вознемирувачки.
Секако, невозможно е да се протолкува секоја песна или спот којшто излегува, ниту пак може да се рече дека сите тие имаат некоја скриена порака. Но да бидеме реални, колку пати сте се запрашале што не е во ред со музичката индустрија секогаш кога гледате некој од спотовите на Бијонсе, Лејди Гага или Ријана?Симболизмот што ја опкружува нивната уметност, од песните, спотовите кои повеќе наликуваат на кратки филмови, па сè до начинот на облекување и однесување е повеќе од очигледен. Премногу очигледните пораки понекогаш наликуваат на болна шега, користење на моментот за повеќе слава, но и ја оставаат публиката прашувајќи се кои се границите. Славата секогаш оди во пакет со контроверзијата, но не до овој степен до кој стигнаа денешните музички ѕвезди. Најинтересниот момент всушност и не се очигледните испади на разни церемонии и доделувања на награди, туку оние пораки кои обичниот гледач или слушател не ни забележува дека му се испратени.
Гледајќи ја Лејди Гага како шета низ улиците на светските метрополи со рогови на глава, за нас е само уште еден начин на „уметничко изразување“. Ретки се оние кои нејзиниот „аутфит“ за денот го поврзуваат со роговите на Бафомет, еден од најважните симболи на окултизмот и Илуминатите воедно. Фактот дека токму Лејди Гага ја популаризира добро познатата поза со едно скриено око, малкумина би го поврзале со симболот на „Окото што гледа сè“ (The all seeing eye) – уште една поврзувачка нишка со Илуминатите позната години наназад (за оние кои воопшто веруваат во нив). Секако дека сето ова може да биде случајност или уште поверојатно, желба за внимание, но човек не може, а да не се запраша зошто баш на ваков начин и која е крајната цел.Она што со сигурност стана еден од омилените начини на уметничко изразување во последните години е експериментирањето со синдромот на подвоена личност, односно нагласувањето на повеќе алтер ега. Луѓето кои што не веруваат дека сè она што се случува во шоу бизнисот е само мода и ексцентризам, нагласуваат дека позадината на сето тоа е всушност многу вознемирувачка. Наводно, станува збор за контрола и перење на мозокот, а траумата која ја доживува лицето предизвикува одвојување на повеќе алтер ега со кои раководи манипулаторот.
Целиот процес доста креативно го опиша Лејди Гага во нејзиниот спот за „Marry the night“, сликовито објаснувајќи како од Стефани Германота произлегла новата личност Лејди Гага, која е спремна да направи сè за музичката индустрија и за договор со Интерскоп Рекордс. Кога подобро ќе размислиме, таа сигурно не е првата која има преживеано такво нешто, доста добро ни се познати Еминем и неговото лудо алтер его Слим Шејди, добрата Бијонсе и лошата Саша Фиерс и секако Мараја Кери и неподносливата дива Мими. Ако се прашувате што значат скршените стакла и огледала во скоро секој втор спот што излезе во последно време, наводно симболизираат кршење на личноста.И да, кога веќе зборуваме за познати личности и перење мозок, невозможно е да не се спомене култот кон Мики Маус. Но не оној Мики којшто ни беше омилен Дизниев лик (на некои сè уште е), туку Мики Маус како симбол на контрола на умот. Дизни своевремено беше обвинет дека е дел од МК-Ултра програмата за перење мозок и дека неговите ликови се креирани за намерно, суптилно да пренесуваат пораки и симболизам до невиниот детски мозок, на тој начин што понатаму во животот ќе предизвикаат одредено девијантно однесување. И ден денес постојат видеа кои внимателно анализираат некои сцени од цртаните на Дизни кои дефинитивно се дискутабилни.
И покрај сè ова, сè уште ни преостанува можноста да веруваме дека станува збор само за мода и желба за внимание на славните личности денес, но за жал факт е дека многу познати имиња од историјата на шоу бизнисот биле поврзувани со приказни слични на овие. Листата е истовремено неверојатна и интригантна, од Елвис Присли, Мерлин Монро, Битлси, па сè до Принцезата Дајана, а за голем дел од нив се верува дека всушност биле отстранети од „луѓето во сенка“. Многу слики, едиторијали и интервјуа кои ги дале голем број познати млади ѕвезди кои починале „ненадејно“ нè тераат да размислиме колку биле навистина свесни за тоа што во непосредна иднина ќе им се случи.Не е ништо ново дека медиумите се најлесен начин да се наметне одредено мислење или да се манипулира со масовната публика. Логично е да се претпостави дека музиката како нешто што ги обединува сите, која со брзина на светлината стига од еден крај на светот до друг и која секојдневно ни налага кој и што е популарно сега, би била најлесен начин да се пренесе некоја порака или пак да се наметне некое мислење.
Сите ние сме под влијание на она што го гледаме на музичките канали и она што го слушаме на радио секој ден. А колку сме свесни за она што нашиот мозок притоа потсвесно го прима? За крај, овој пост не е наменет да наметне некакво мислење или да создаде одбивност кон нашите поп идоли. Единствената цел е да се натераме самите себеси посвесно да размислуваме за сè она на што сме изложени ние и нашите најблиски секојдневно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Realnost…
mnogu dobra statija