Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот: Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот: Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Жените се соочувале со многу неправди во минатото. Немале можност да се образуваат, се верувало дека треба само да чуваат деца и да се грижат за домот, не биле сфаќани сериозно, не можеле да излезат од сенката на мажот и да изградат своја професионална кариера. Денес голем дел од нештата се сменети. Секојдневно гледаме како се појавуваат храбри и успешни жени кои не се плашат да преземаат ризици и да го освојуваат светот. Жените стануваат претседателки на држави, директорки на големи фирми и моќни лидери во деловниот свет кој порано се сметал за машки.

Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот:  Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Но, и покрај сиот напор и напредок, жените сѐ уште мораат да се борат против неправдите кои владеат во повеќе области од животот. Една од тие области е спортот. Не е никаква тајна тоа дека спортистките не ги уживаат истите права како спортистите. За среќа, постојат силни и упорни дами кои се обидуваат да ја подигнат свеста за овој проблем и да ги променат работите. Пример за тоа е инспиративната Силвија Митевска.

Силвија Митевска е параглајдеристка, авторка на збирката раскази „Додека Данте спие“ и претседателка на граѓанската организација ТАКТ. Станува збор водечка организација која се залага за унапредување на родовата еднаквост во спортот.

„Тоа е фокусот на нашата работа и речиси сите активности ни се насочени кон афирмација на жените спортистки и нивните спортски резултати. Полето на делување е широко затоа што досега женскиот спорт беше маргинализиран и предизвиците со кои се соочуваа спортистките, без разлика дали станува збор за рекреативен или врвен спорт, не беа адресирани во јавноста“, изјави Силвија.

ТАКТ минатиот јуни ја организирал првата Национална конференција ,,Жени во спорт’’ каде јавно се дискутирало за родовата дискриминација во спортот и заеднички биле извлечени препораки како тоа да се надмине. Но, ТАКТ не се залага само за постигнување родова еднаквост.

„ТАКТ го користи спортот како платформа за промоција на социјална инклузија, солидарност и градење мир преку ненасилна комуникација. Спортот исто така претставува моќна алатка за зајакнување на младите, особено девојките и ние за таа цел организираме обуки, семинари и работилници ширум Македонија“, открива Силвија.

Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот: Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Иако постојат само 3 години, ТАКТ успеале да реализираат неколку важни проекти на национално ниво, како што се воспоставување национална мрежа на спортски лидери кои промовираат спортски вредности, креирање спортско видео со име ,,Девојки како нас’’ во кое протагонистки се 8 спортистки од различни спортски дисциплини, подготвување серија интервјуа со искусни спортистки кои можат да се најдат на нивната веб страница и многу други активности.

„Секако, дека борбата тука не е завршена и полето за работа ќе станува сѐ поголемо и поголемо. Ние би сакале да видиме уште повеќе постигнати резултати кои ќе ја приближат Македонија до посакуваните стандарди“, објаснува Митевска.

Поттикнати од многубројните активности на ТАКТ и нивната мисија, ние поразговаравме со Силвија Митевска за некои од најважните прашања што се однесуваат на родовата еднаквост во македонскиот спорт.

Дали во Македонија постои поделба на машки и женски спортови?

Како би реагирале кога вашата ќерка би ви кажала дека сака да се запише на фудбал? Дали би ја поддржале нејзината идеја или пак би ѝ објасниле дека тоа е машки спорт? Што ако вашиот син пројави желба за балет? Како би ја прифатиле оваа вест? Дали би се загрижиле за мажественоста на синот или пак би се воодушевиле од идејата? Според Силвија, девојчињата и момчињата уште од рана возраст се жртви на родовите стереотипи.

„Девојчињата се охрабруваат да се запишат на таканаречени ’женски спортови’ кои нашето општество на некој начин ги поврзува со девојчињата, како што се танцување, балет, додека пак момчињата се охрабруваат да се запишат на фудбал, кошарка и други тимски спортови. Во малите средини овие родови стереотипи се уште понагласени, додека во градските средини полека се надминуваат, но сепак, сѐ уште постојат“, објаснува Силвија.

Вистина е дека многу малку девојчиња се одлучуваат за „погруби“ спортови, бидејќи родителите се плашат да не се повредат. Момчињата, пак, кои покажуваат интерес за „понежни“ активности, се честопати изложени на потсмев од страна на нивните врсници. Време е да се надминат стереотипите што постојат во спортот и да се разбере дека децата имаат право да ја одберат активноста што ним најмногу им се допаѓа, а не таа со којашто „би требало“ да се занимаваат според општествените стандарди.

Продолжете на следната страница за остатокот од текстот…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар