Што сè знаат бебињата?
Не постои некој кој може да му одолее на невиниот бебешки израз. Но, бебињата не се само слатки, туку и паметни. На научниците им беше потребно многу време да откријат што сè знаат бебињата. По долготрајни истражувања, ова се нивните заклучоци за бебешката перцепција.
На само десет месеци бебињата може да определат кој е главен во одредена ситуација. Експериментите биле правени на тој начин што на бебињата им биле покажувани помали и поголеми објекти кои биле во меѓусебна интеракција. Кога поголемиот објект бил отстранет од страна на помалиот, бебињата биле позаинтересирани за таквото случување, што значи дека биле изненадени од таквиот развој на настаните. Но, кога помалиот објект бил отстранет заради поголемиот, вниманието на бебињата траело пократко затоа што таквото случување било веќе очекувано.
Резултатите од овие студии укажуваат на тоа дека бебињата ја разбираат хиерархијата уште од најрана возраст и ја согледуваат врската помеѓу „големината“ и „надлежностите“. Ова го потврдува фактот дека се раѓаме со основна социјална интелигенција, која ја надградуваме во текот на животот.
Пред да научи да каже „мама“ и „тато“, бебето знае да ги протолкува емоциите на кучињата. Една студија од 2009 година покажала дека бебињата стари шест месеци правилно ги толкуваат непријателското ржење и пријателското цвилење на кучињата. Според Рос Флом, професор по психологија на Универзитетот во Јута, емоциите и нивното толкување се една од првите работи кои бебињата ги развиваат по раѓањето.
Бебињата ги разбираат емоциите на оние кои им се блиски. Иако сè уште не зборуваат, тие многу добро чувствуваат кога некоја блиска личност е тажна. На пет месеци знаат да разликуваат весели од тажни мелодии, а на седум месеци можат да го идентификуваат тажниот тон во серијата весели песни во Седмата симфонија на Бетовен.
Кога сме веќе кај музиката, треба да се додаде дека бебињата се раѓаат со одлично чувство за играње на кое не можат да му одолеат. Не само што имаат слух за музика, туку можат и да ги координираат движењата во согласност со тактот на мелодијата. За да ги тестираат музичките способности на бебињата, психолозите им пуштиле класична музика каде што ритамот и говорот се примарна работа. Реакциите на бебињата биле снимени, а снимките биле анализирани од страна на балетски уметници.
Се покажало дека бебињата мрдаат со рацете, нозете, телото и главата многу поинтензивно кога ќе им се пушти музика наместо разговор. Со ова се потврдува дека луѓето имаат вродена способност за танцување. Покрај тоа, бебињата разликуваат и весела од тажна музика. Кога ќе слушнат весела музика, тие почнуваат да играат, да плескаат и да се смеат, но кога ќе слушнат тажна музика, бебињата се сериозни и отсутни.
На возраст од шест месеци бебињата имаат чувство за добро и лошо. За време на истражувањето спроведено во Јеил, на бебињата им била пуштена снимка на која една кукла требала да се качи на некој рид. Прво, на куклата ѝ помогнале уште неколку други кукли, а потоа друга кукла ја туркала и ѝ го отежнувала качувањето на првата кукла. Снимките биле пуштени неколку пати, по што на бебињата им биле донесени добрите и лошите кукли. Ниедно бебе не посегнало по лошата кукла, туку сите сакале да си играат со добрите кукли.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.