Што се случува кога ќе поставите граници?

Што се случува кога ќе поставите граници?

Да се живее без поставување никакви граници значи ретко да се кажува „не“ и чувствата на другите секогаш да се ставаат пред сопствените. Ова не само што исцрпува, туку и ја зголемува веројатност луѓето да почнат да ве земаат здраво за готово. Токму затоа од голема важност е да знаете да поставите граници. На тој начин ќе се оградите себеси од користољубивите луѓе и ќе си го направите животот поубав. Треба да знаете точно до каде сте спремни да толерирате. Ова се неколкуте одлични работи кои ќе ви се случат доколку научите како да поставувате граници…

Што се случува кога ќе поставите граници?

Ќе станете свесни за самите себеси

На тој начин ќе знаете точно кои се вашите чувства и потреби и нема да ги жртвувате за некоја друга личност од вашето опкружување. Нема да дозволите некој друг да ви ги наметне неговите желби и да ве натера да помислите дека и вие тоа го сакате, додека реалноста е поразлична. Кога ќе поставите граници, ќе можете правилно да разграничите кои се вашите а кои се потребите на другите.

Ќе станете подобар пријател и партнер

Границите ќе ви овозможат да се одморите, а кога не сте целосно исцрпени имате повеќе енергија да се посветите на луѓето што ги сакате. Како резултат ќе имате поголема почит за туѓите потреби. Кај луѓето кои немаат поставено цврсти граници, постои поголема веројатност да ги преминат границите на другите.

Подобро ќе се грижите за себе

Вашето здравје ќе стане ваш приоритет. Тоа воопшто не е себично сè додека ги имате предвид и потребите на другите. Границите ќе ви помогнат да бидете попродуктивни, бидејќи нема да бидете изморени од постојаното вршење услуги.

Нема да бидете толку под стрес

Сите имаат свои проблеми и доживуваат стресни ситуации. Без границите ние го апсорбираме целиот стрес околу нас поради што нашите мозочни ресурси полека пресушуваат. Доколку не поставите граници, се изложувате себеси на ризик да ги преземете и туѓите проблеми на свој грб, како вашите да не биле доволни. Или што е полошо, целосно ги игнорирате вашите. Рационалните граници ќе ве заштитат од дополнителни непотребни стресови.

Подобро ќе комуницирате

За да можете навистина да поставите граници, ќе треба да кажете што можете, а што не можете да толерирате. Тоа значи дека треба да бидете јасни и концизни, а ќе ве направи и поконкретни при искажување на потребите. Сите овие елементи го сочинуваат составот на добрата комуникација. Комуницирајте наместо да претпоставувате или очекувате дека другите луѓе ќе ги разберат и почитуваат вашите граници.

Повеќе ќе им верувате на луѓето

Сигурно ви се случило да си помислите дека ќе ги повредите или вознемирите луѓето доколку поставите граници. Многумина сметаат дека ако постојано ги исполнуваат желбите на другите, повеќе ќе ги сакаат. Не сакаат да ризикуваат да не бидат прифатени и сакани, па затоа нивните граници не постојат. Но ваквото однесување е знак на страв и недоверба, што значи дека не им верувате на луѓето дека ве сакаат само поради она што сте. Кога јасно ќе кажете до каде се протегаат вашите граници, ќе откриете кои се вашите вистински пријатели и ќе научите повеќе да им верувате на луѓето.

Ќе бидете помалку гневни

Кога немате јасно поставени граници, контролата врз вашиот живот е во туѓи раце што доведува до лутина и гнев. Не им дозволувајте на луѓето туку така да се извлекуваат кога ќе направат нешто што не е во ред. Бидете уверливи, но не и агресивни. Наметнете ги вашите граници, но на суптилен начин.

Што се случува кога ќе поставите граници?

Ќе научите да кажете не

Зборот „не“ е мал по форма, но голем по значење. Поставете граница на тој начин што ќе одбиете да направите нешто што е надвор од вашите можности. На учтив начин ослободете се од стегите на туѓите барања и ќе видите како вашиот живот полека се менува.

Ќе правите работи што ги сакате

Замислете си живот без непотребни обврски само затоа што сте научиле да кажете „не“. Границите ќе ве ослободат и ќе ви дадат можност да посветите време на работите што всушност сакате да ги направите. На тој начин ќе можете да внесете нови животни навики кои ќе го подобрат квалитетот на вашиот живот и здравје.

Ќе имате повеќе разбирање

Кога ќе стекнете разбирање за самите себеси и за она што можете да го толерирате, ќе можете да ги разберете и границите на другите луѓе. Тоа ќе ве направи личност полна со разбирање на која секој човек ќе сака да ѝ се довери и да ја има во својот живот.

Поисполнет живот, топла личност и подобри меѓучовечки односи. Сè тоа само затоа што сте поставиле граници! Не звучи лошо, нели?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар