Што се крие зад 3-те најголеми свадбени традиции?
Секој народ има свои свадбени обичаи кои се почитуваат и до ден денес, па затоа и нам ни се добро познати популарните традиции кои се практикуваат низ повеќето земји во светот. Некои од нив се прават и кај нас, како што е на пример фрлањето на бидермаерот, но сте се запрашале ли некогаш зошто е тоа така? Во продолжение прочитајте за потеклото на 3-те најголеми свадбени традиции во светот.
1. На денот на свадбата, младоженецот не смее да ја види невестата
Во минатото, повеќето бракови биле однапред договорени и симболизирале еден вид бизнис договор помеѓу две фамилии. Татковците на невестите не им дозволувале на момците да ја видат својата идна сопруга бидејќи се плашеле дека договорениот брак може да пропадне доколку девојките не им се допаднат на младоженците, при што ќе донесат голем срам за својата фамилија. Затоа брачните парови се запознавале на денот на самата церемонија, кога веќе било доцна за откажување. Оттогаш па наваму, се вели дека е лоша среќа ако младоженецот ја види невестата пред свадбата.
2. Жената која ќе го фати свадбениот букет е следна на ред за стапување во брак
Во средниот век, по крајот на свадбената церемонија, гостите ја следеле невестата до нејзината соба и се обидувале да земат дел од нејзината свадбена носија бидејќи се сметало дека тоа носи среќа. Така, венчалните фустани биле целосно уништувани. Затоа, невестите почнале да бараат алтернатива за оваа чудна традиција и започнале да ги фрлаат своите бидермаери кон гостите, за да им го одвлечат вниманието и да се обидат да побегнат. Оттогаш останало традиција невестата да го фрла свадбениот букет кон сите немажени дами.
3. Младоженецот мора да ја пренесе невестата преку прагот на нивниот дом
Ова е претежно традиција која ја практикуваат западните земји, а во древните култури се верувало дека прагот на заедничкиот дом е место на кое се собираат злите духови и дека тие лесно можат да ѝ донесат лоша среќа на невестата преку нејзините стапала. Затоа, младоженецот имал должност да ја пренесе својата сопруга преку прагот, за да ги спречи духовите да влезат во внатрешноста на домот и да им овозможи долг и среќен брак.