Што навистина значи да се биде зрела личност?
Зрелоста не е нешто што го постигнувате со возраста, ниту пак е некое признание за тоа што сте успеале долго да опстанете на оваа планета. Не станувате зрела личност со тоа што ви се појавуваат брчки на лицето и бели влакна во косата. Всушност, ако продолжувате да правите исти грешки дури и во возрасните години, тоа значи дека воопшто не сте созреале во животот.
Понекогаш, не стануваме она што сме сакале да бидеме и дозволуваме животот и околностите да ни влијаат врз процесот на созревање. Вистинската зрелост може да се види од тоа како се носите со животните искуства, без разлика на возраста.
Карактеристика на зрелите личности е дека умеат да ги надминуваат предизвиците и не се откажуваат уште на првата пречка при остварувањето на своите планови и цели. Знаат дека на почетокот секогаш е тешко, дека е потребно време, труд и упорност за да се постигне нешто и имаат трпение додека се движат во таа насока. Тоа може да се спореди со вежбањето, кога на почетокот ви е потребна поголема сила за да го поткренете тегот, но потоа станувате само подобри. Зрелите личности се способни да останат присебни, наместо да бегаат од проблемите. Тие се способни да ги прифатат и негативните емоции, а не само удобноста и среќата.
Зрелата личност презема одговорност за своите акции и за нивните последици. Тие никогаш не обвинуваат други ако нешто е направено погрешно и се свесни дека преголемото его може да биде деструктивно. Емпатични се и навистина ценат кога некој има гледишта различни од нивните. Исто така, имаат и способност да предвидат што им е потребно на другите, но и да слушаат, за да можат полесно да научат вештини од поискусните. За нив, секоја личност е еднаква, без разлика на потеклото, бојата на кожата или религијата. Тие веруваат дека таму каде што се денес дошле поради комбинација на среќа, околности и талент и никогаш не сметаат дека им следува нешто повеќе отколку на другите.
Но, во исто време, тие немаат натприродни моќи и нив не им се сите нешта во животот под контрола. Исто така, зрелата личност никогаш нема да почувствува задоволство од тоа што ќе понижи некој друг, ниту пак им суди на луѓето според нивниот физички изглед или финансиски статус. Тие се храбри и имаат почит и кон себе, но и кон останатите. Веќе имаат воспоставено систем на вредности и умеат да ги почитуваат без оглед на околностите.
Размислете и самите, кои се вашите вредности? Каква личност сте навистина и каква сакате да бидете во иднина? Дали се менувате на подобро или сте заробени во она што сте навикнати да го правите, без никакво разбирање за себе? Вистината е дека никогаш нема да бидете целосно зрели, но секогаш можете да си дозволите да растете уште повеќе. Изберете го патот на растењето и созревањето!