Што навистина прават соништата за нас?

Што навистина прават соништата за нас?

Фројд отсекогаш велел дека намерно или ненамерно, сите ние сме поети. Тоа е затоа што повеќето од ноќите сонуваме. А соништата многу наликуваат на поезија, бидејќи и кај двете нешта ние го искажуваме нашиот внатрешен живот на сличен начин. Ние создаваме слики и ги комбинираме нивните елементи така што целта е да предизвикаме емоции кои не можат да се постигнат на друг начин и наместо логиката ја користиме несвесноста за да раскажеме приказна. За Фројд соништата биле поеми кои си ги кажуваме самите на себе навечер со цел да ги доживееме нашите несвесни желби како реалност. Соништата ни дозволуваат да бидеме она што не можеме и да го кажеме она што не го искажуваме во нашите секојдневни животи.

Што навистина прават соништата за нас?

Фројд дефинитивно имал интересна теорија за соништата, но таа на некој начин била многу ограничена. За него, секој сон бил слика на несвесна желба. Но, луѓето кои имаат досадни соништа или кошмари можат веднаш да потврдат дека нешто недостасува во неговата формулација. Токму затоа научниците долго време формирале теории кои ќе можат да ни овозможат подобро објаснување за функцијата на нашите соништа. Прочитајте дел од нив…

1. Сонуваме за да ги вежбаме нашите реакции на заканувачки ситуации

Сте забележале ли дека поголемиот дел од вашите застрашувачки или засрамувачки соништа имаат некаков вид огромна опасност во нив? Во овие соништа најчесто вие се наоѓате во ситуација каде што сте голи во јавност, бегате или се борите со непријателот или пак, паѓате од повисоко место. Финскиот когнитивен научник, Анти Ревонсуо, покажал дека нашата амигдала (бори-се-или-бегај областа во нашиот мозок) е многу поактивна во РЕМ фазата (кога сонуваме). Во оваа фаза, активноста на мозокот е многу слична со онаа кога нашиот живот е во сериозна опасност и кога треба да се бориме за опстанок. И покрај тоа што нашето тело е потполно мирно, сите области од мозокот кои се поврзани со моторната активност (трчање, удирање) се целосно активирани. Со други зборови, Ревонсуо и останатите еволуциони теоретичари сметаат дека во соништата ние всушност ги вежбаме нашите бори-се-или-бегај реакции и покрај тоа што нашите нозе и раце воопшто не се движат. Тие велат дека во соништата вежбаме самоодбрана во сигурноста на ноќната изолација, а за возврат добиваме подобар план за преживување во реалниот живот.

2. Соништата создаваат мудрост

Доколку се сеќаваме на секоја слика од нашиот буден живот, тогаш нашиот мозок ќе се преоптовари. Токму затоа, соништата ги распределуваат сеќавањата и одлучуваат кои ќе ги задржат, а кои не. Мет Вилсон, од центарот за учење и меморија на Универзитетот МИТ цврсто стои позади овој поглед. Тој спровел едно истражување при кое пуштал глувци во лавиринт и го снимал активирањето на нивните неврони. Потоа, вечерта кога тие спиеле, тој забележувал дека во РЕМ фазата истите неврони повторни се активирале. Според него, ова се случувало затоа што глувците во соновите се обидувале да запомнат кои се важните насоки во лавиринтот, односно го сонувале својот пат низ лавиринтот. Вилсон верува дека сонот ја претвора поплавата од информации во нешто кое што може да се нарече мудрост: ги помни оние нешта кои нѐ прават попаметни и кои би можеле да ни бидат од корист кога во иднина ќе дојдеме до слични одлуки.

3. Сонувањето е нешто како дефрагментирање на компјутерскиот хард диск

Френсис Крик и Грим Митчисон во 1983 година создале контроверзна теорија за соништата во која напишале „сонуваме за да заборавиме“. Нивната идеја била дека мозокот е како машина која постојано ги поврзува податоците на одредени начини (опсесивни, одбранбени…) и тие патишта на размислување можеби и не се толку корисни за нас. Но, кога спиеме, мозокот работи многу поинаку. Со случајно избирање на конекциите овозможува одредени патишта на размислување да се отпуштат, а да се создадат други кои ќе бидат потенцијално корисни. Сонувањето е мешавина од старите конекции кои ни овозможуваат да ги задржуваме важните врски, а да ги избришеме непотребните.

4. Соништата се како психотерапија

А што се случува со емоциите во соновите? Нели соништата всушност се место каде што се соочуваме со изненадувачки емоции и почнуваме да ги користиме на сосема нов начин? Докторот Ернест Хартман, се фокусира на емоционалното учење кое се случува во соништата. Тој развил теорија во која објаснува дека соништата ни даваат појасна слика за нашите тешки емоции. Во соништата, ние се соочуваме со емоционалната содржина во безбеден простор, правејќи врски кои не би можеле да настанат доколку се препуштени на нашиот дефанзивен мозок. Во таа смисла, сонувањето е на некој начин како терапија. Ние размислуваме за нашите емоционални нешта на помалку рационален и одбранбен начин. И токму преку тој процес, ние почнуваме да ја сфаќаме вистината.

5. Отсуство на теорија

Секако, еден дел од научниците тврдат дека соништата немаат никакво значење и дека тие се „рандом“ вклучувања на мозокот кој во тој момент не бил свесен. Мозокот е вклучен до тој степен да биде способен да создава слики, но тие веруваат дека не постои свесност позади „филмот“. Можеби токму свесноста е онаа која има потреба да бара длабоко значење на сите нешта поврзани со нашиот мозок.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар